Македонија

Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Во фокусот соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата

Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Во фокусот соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата

Во рамки на работната посета во Вашингтон, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска остварил работни средби во Стејт департментот на САД. Андоновски остварил работна средба со Рас Хедли (Russ Headlee), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт департментот на САД.

На средбата, како што информираат од Министерството за дигитална трансформација, била потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусирале на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба.

Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.

-Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги, истакнал Андоновски.

Заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот Андоновски остварил средба и со Даниел Лотон (Daniel J. Lawton) заменик помошник секретар во Стејт департментот. Оваа средба, како што се наведува во соопштението, претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.

Средбите завршиле со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

Најнови вести од Македонија

To top