Секое прашање кое што се однесува на донесување на закон е легитимно прашање и треба да се одговори. Прво би требало да кажеме дека оваа реорганизација на министерствата, тоа е поголемиот дел од работата која што го менува овој закон беше најавена уште од трибините на ВМРО-ДПМНЕ пред околу седум месеци. И каде што за првпат започнавме да зборуваме за тоа дека ни е потребно менување на фокусот на министерствата, истакна Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Заспиј ако можеш“ говорејќи за измените во Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Андоновски додаде дека Македонија е едната од ретките држави во која што министерствата се формирани со закон во 2000-тата година што значи дека 24 години никој односно многу мали биле можностите да промени.
„Затоа фокусот на овој закон освен реорганизација на министерствата, почитување на дел на препораките на ЕУ преку Сигма извештаите, третиот дел беше ургенции во дел од законот кои што не се никогаш променети, а материјалната состојба е променета. На пример имате управи, агенции, служби кои што воопшто не постојат повеќе како што е на пример Агенцијата за информации, кои што никогаш не биле укинати со овој закон. Значи според словото на овој закон тие се уште би требало да постојат“, појасни Андоновски.
Тој посочи уште една небулоза, а тоа е дека имате Биро за процена кое што е формирано со измените на законот за вештачење, а во законот се уште ви стои дека имате Биро за судски вештачења. Значи дека претходната власт направила промена во Влада, но не го промениле законот за организација и работа на органите на државната управа.
„Што значи дека имавме работа да преорентираме или преопределиме некои работи кои што материјално повеќе не постојат“, нагласи Андоновски.
Андоновски потсети дека во изминатиот период додека ВМРО-ДПМНЕ говореше дека се потреба измени, никој не рече дека формирање на министерство за енергетика не е добра идеја, или пак министерството за спорт.
„Овој закон ја отвора вратата за реформата. Прво ги бришеме инспекторатите со овој закон. И ја отвораме вратата за намалување на нивниот број од 28 колку што се во моментов на препораката на ЕУ онолку колку што имате министерски системи. А, тоа значи дека ако имате 20 министерства тогаш треба да имате 20 инспекторати и секое да е во рамки на министерството, под капа на министерството“, истакна тој.
„Вториот елемент е што поставуваме јасна типологија што се органите на државна управа. Во Македонија зборот агенција се користи за најразлични можни институции од агенција која што има оперативна задача нешто да спроведе во пракса некоја надлежност законска до агенција која што е контролор и има регулаторен механизам, како што е Агенција за аудио и аудиовизуелни услуги до агенција која што е во суштина е јавна установа, како што е АВРМ. Што значи дека со овој закон ние јасно ги дефинираме типологиите на институции кои што функционираат во моментов и кои што треба да функционираат при усогласување со овој закон“, рече тој.