Македонија

Анализа: Новата германска влада и проширувањето – многу недоумици за евроинтеграциите

Но, тоа што прво го направи Мерц беше посета на Париз, кај својот истомисленик Макрон, кога се работи за проширувањето.

Анализа: Новата германска влада и проширувањето – многу недоумици за евроинтеграциите

Изборот на Фридрих Мерц за нов германски канцелар дури во вториот обид во Бундестагот, ја става германската влада на стаклени нози уште на почетокот на мандатот.

Но, тоа што прво го направи Мерц беше посета на Париз, кај својот истомисленик Макрон, кога се работи за проширувањето.

Самата средба, во најголем дел посветена на нуклеарната безбедност на двете земји, по евентуално повлекување на САД од активна одбрана на Европа, соработка во вооружувањето и формирање „француско-германски совет за одбрана и безбедност“, зборуваат дека двете најголеми членки на Унијата, здружени околу сопствените интереси, на крај на памет не им е да се занимаваат со проширувањето, како стратешки интерес на Унијата.

Идејата на Мерц, прво промена во начинот на гласање за важни прашања, меѓу кои и проширувањето, од консенсус, со мнозинство од земјите членки, реформа која мора да се донесе со консенсус, јасно покажува дека процесот ќе трае, а проширувањето ќе трпи.

Меѓу првите чекори кои ги презема новиот германски канцелар е укинување на функцијата на специјалниот пратеник на германската влада за Западен Балкан, заедно со десетици други комесари, специјални претставници и координатори. Дали со тоа Германија го менува пристапот кон регионот, од кој сите земји се стремат да станат дел од Унијата ќе покаже времето. Но, едно е сигурно. Досега оваа функција играше важна улога во следењето на политичките и економските процеси на Балканот, придружена со силна поддршка за европската перспектива.

При својата прва посета на Скопје, директор за Југоисточна Европа во Германското министерство за надворешни работи. Михаел Рајфенштул, уверува дека новата германска влада и покрај тешкотиите останува посветена на Берлинскиот процес, втемелен на три столба: поддршка за проширување на ЕУ, регионалната енергетска соработка и добрососедските односи. Прашање е дали неговите уверувања дека приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ е нужност која треба да се случи што поскоро, билатерализмот да се отстрани од пристапниот процес, се реалност и во актуелните намери на Берлин, па и Париз.

Првото ветување, закана за заострување на миграцијата, канцеларот Мерц го оствари веднаш. Ја заостри контролата на границите, политиката за азил и депортација на нелегалните мигранти и баратели на азил.

За проширувањето, пак главниот збор ќе го има новиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, прв шеф на дипломатијата од ЦДУ по подолго време. Вадефул со години беше известувач за Македонија  во пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ и важи за одличен познавач на земјава и генерално на регионот. Како пратеник и известувач тој беше против внесување на билатералните спорови, како тие со Грција и Бугарија во процесот на евроинтеграции. Тој во континуитет смета дека земјава е успешна приказна. По потпишивањето на Преспанскиот договор Вадефул бараше Македонија веднаш да ги почне преговорите за членство во ЕУ, убедувајќи ја и Франција да го поддржи тоа, во моменти на вето од Париз. Вадефул последен пат беше во Скопје во април во рамките на НАТО парламентарната соработка , што значи дека акуелните состојби со македонските евроинтеграции му е и апдејтирана и јасна.

Прашањето е колку овие негови ставови ќе може/сака да ги реализира во рамките на владата и канцеларот, во моменти кога Мерц најавува реформи на Унијата, нејзина консолидација и стабилизација, па потоа проширување, како и ставање фокус на Украина и новата американска реалност.

Оттаму има 4 опции.

Првата, украинската кандидатура за членство во ЕУ да го повлече целиот Западен Балкан, за мир во куќата, виза-ви барањата на земјите членки кои не дозволуваат Киев да оди по брза лента, а Западниот Балкан, по старата, бавна.

Втората, реформата да донесе членство во Унијата во неколку брзини. Првата, учество на заедничкиот пазар на ЕУ, учество во политичките дискусии без право на глас, слободно движење на луѓето и стоките, укинување на ромаингот и слично.

Третата, брза реформа за укинување на едногласноста, за која треба консенсус, што е тешко остварливо и на што прва би се спротивставила Бугарија, иако неформално 17 земји членки ја поддржуваат таа иницијатива за квалификувано мнозинство.

И четвртата, Софија да се притисне да прифати компромис, а ЕУ да даде некакви гаранции дека нема да има билатерални пречки, посебно за нерационални барања во текот на преговарачкиот процес.

Или како што вели шефот на дипломатијата Муцунски, ќе бидеме посветени на реформите, ќе бидеме посветени на усогласување со законодавтсвото на ЕУ, ќе бидеме посветени на Реформската агенда што е составен дел од Планот за раст, но на крајот на краиштата, очекуваме Брисел, како и земјите членки, да го исполнат многу јасното ветување што беше дадено кон Западниот Балкан пред многу, многу години‘‘.

А, ветувањето не е исполнето!

Најнови вести од Македонија

To top