Македонија КАДЕ СМЕ СЕГА, ПОСЛЕ ИЗМИНАТИ 34 ГОДИНИ НА МАКЕДОНСКА НЕЗАВИСНОСТ И СУВЕРЕНОСТ

Анализа на Ѓорчев: ЕВРОПЕИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА – ДАЛИ СМЕ НА ДОБАР ПАТ?

Недвојбено се наметнува заклучокот сами да си го одбереме начинот којшто ќе ни обезбеди ако не целосна, туку барем во голем дел независност на македонскиот правосуден систем од политиката, потпирајќи се на нашите искуства во изминатите осумдесет години државност. Треба да постапуваме брзо и енергично, не обѕирајќи се на забелешките и препораките од надворешни наднационални тела или моќни светски држави. Само од нашата храброст, решителност и одговорност ќе зависи независноста на македонскиот правосуден систем!!!

Анализа на Ѓорчев: ЕВРОПЕИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА – ДАЛИ СМЕ НА ДОБАР ПАТ?

Гео-политичката положба на Македонија што е сама по себе изведена категорија од поимите географија и политика, несомнено не упатува на заклучок за наша припадност кон европскиот континент.

Македонскиот државен простор има свои природни и општествени карактеристики кои го внедруваат (сакале ние иле не) како базична единица во европската географија,во сите тематски подрачја од географијата-од физичка до економска географија. Политиката пак е општествена дејност којашто во најширока смисла на зборот ги создава, надградува и менува општите правила на живеењето, анализира Марјан Ѓорчев.

Гео-политиката е битка за сегашноста и иднината на човештвото. Најчесто,тоа е судир на различни,често взаемно исклучувачки идеологии. Идеологиите се спекулативни концепции за суштината на општествениот развој,во сите три негови општествени подсистеми-форма на управување, економија и општествена надградба. Победата на идеолошката доктрина на нео-либералниот концепт којшто се потпира на економскиот детерминизам како метод, а за култура ја промовира културата на парите, во совремието ги определува принципите,развојот и функционирањето на Европската Унија.

 

ИНДИКАТОРИ ЗА НАШАТА ЕВРОПЕИЗАЦИЈА ВО КОНТЕКСТ НА ПРИФАЌАЊЕТО НА ПРИНЦИПИТЕ НА РАЗВИЕНИТЕ ДРЖАВИ ОД КОНТИНЕНТОТ

Кои се индикаторите за нашата европеизација-во контекст на денешниот текст. Следењето на процесите на реформите во сите три клучни општествени подсистеми-форма не упатува кон зачестена употреба на поимите “транзиција” и “реформи”.

Транзицијата е всушност патување,сме тргнале од една точка-социјалистичка форма на општествена сопственост и се стремиме да стигнеме до друга точка-либарално пазарен модел на капиталистичка плурална демократија. Тоа е урнекот по којшто функционираат во најголем број државите од европскиот континент-членки на Унијата. Времето на патувањето до полноправно членство е засега неопределено и за нас Македонците трае безмалку 25 години.

Реформите се постапки за преобликување од една форма во друга форма,при што целтта е подобрување, а не револуционарна промена во однос на содржинскиот аспект на општествениот поредок.

Несомнено дека содржинскиот аспект на новото време е детерминанта од владеењето на капитал-односот,почитување на слободата на пазарните законитости и неприкосновеност на приватната сопственост како определувачки општествени категории.

Ќе се задржам на секој од наведените три општествени подсистеми одделно. Ние, Македонците со референдумско изјаснување се определивме за самостојна и независна држава на 08 септември 1991 година. Притоа, не гласавме која содржина на нашите општествено-економски односи ќе биде определувачка за нашиот македонски државен систем. Декретски, со вољата на репрезентите на плуралната демократија (првиот собраниски остав од 1990-1994 година) релативно лесно го усвоивме политичкиот систем на либерална демократија,како форма на управување преку колективниот интелект. Меѓутоа,објективниот фактор-промената на општествената структура, којашто е последица од промената во свеста на луѓето преку менталниот процес на бришење на дотогашното сознание на луѓето за категориите заедништво,солидарност, соработка,одговорност не можеше временски да се детерминира?! Од тие причини и се случуваа сите причинско-последични трауми во индивидуалната социо-психолошка и општествена димензија на македонските граѓани.

Судирот помеѓу јавниот и личниот интерес,приватниот и општествениот интерес,конечно судирот помеѓу приватната и државната сопственост беа средиштето на ожесточена борба меѓу капитал-односот и државата. Краен епилог на таа борба беше победата на интересот над обврските. Либералната доктрина којашто верува во индивидуалната слобода, се стреми да ги ограничи државните функции на минимално ниво!! Во еден таков концепт на “неограничени човекови права”, обрската стана средство за реализирање на индивидуалните и посебни-групни интереси. Борете се за своите права и граѓански слободи-секојдневно папагалски им се всадуваше во главите на македонските граѓани. Либералниот лозунг-државниот интерес и општите обврски се пречка за остварување на вашите природни интереси, се трансформираше во врховен економски и општествен идеал. Советниците од западниот свет ни порачуваа- општествената сопственост е пречка за развој на економијата и општеството. Само приватниот интерес го движи развојот и прогресот,затоа општествените претпријатија ги приватизиравме (не)успешно или ги затворивме?!

 

КАДЕ СМЕ СЕГА, ПОСЛЕ ИЗМИНАТИ 34 ГОДИНИ НА МАКЕДОНСКА НЕЗАВИСНОСТ И СУВЕРЕНОСТ

Клучните зборови за дефинирање на општествениот правец на развој на македонското општество во изминатите 34 години се зборовите-демократија и владеење на правото.

А) ЗА ДЕМОКРАТИЈАТА

Во периодот после деведесетите години на дваесетиот век, пропаѓањето на социјализмот истовремено го следеше и проблематизирање на вредностите на униполарниот капиталистички свет. Демократијата се прокламираше како единствено стабилно и трајно начело на пост-модерниот капиталистички ред и поредок. Со тоа што демократијата безмалку од сите политички и општествени чинители ширум светот,беше прифатена како “добра работа” почна да се практикува со зборот “Ураааа…”!!

Тоа само по себе подразбираше прифаќање на либералните принципи и методи во управување со државата. Така се дојде до тој степен на истрошеност на зборот демократија,што во совремието тој поим којшто треба на секој човек да му го определува содржинскиот аспект на неговиот општествен живот ,се соочува со опасноста никому да не значи ништо во совремието. Оваа особено се забележува во земјите коишто од еден општествен систем преминаа во друг!!

Имајќи во предвид дека и самата либерална демократија има свои противречни гледања за демократската организација на општеството, политичките институции во Р.Македонија “заталкаа” во определбата кој модел на демократија е најприфатлив за нашата држава-класична демократија,протективна демократија,развојна демократија или народна демократија?!

Според мене, основен облик на македонската демократија е протективната демократија. Основачи на овој модел се Џон Лок, Џереми Бентам и Џејмс Мил. Овој модел ја потенцира потребата на индивидуата да ги заштити и унапреди своите интереси. Во суштина овој демократски модел ја разбира демократијата како општо право на глас на сите полнолетни граѓани во една државна заедница.

Граѓаните се согласни преку гласање на редовни плурални избори по правилото “еден човек-еден глас”, победничките политички партии по победата на изборите посредно да управуваат со државата и да ги решаваат односите помеѓу политичките институции и односот на државата кон поединецот Ако е правото на глас средство за одбрана на својата лична слобода,тогаш таа слобода мора да биде гарантирана со поделба на власта на извршна,законодавна и судска!!

 

Б) ЗА ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО

Владеењето на правото е начело според кое законите треба да владеат!! Оваа начело еднакво се применува на сите граѓани во едно општество,независно дали се обични граѓани или владини  службеници,припадници на мнозинската нација или на малцинствата во секоја одделна држава. Владеењето на правото е во таа смисла демократско-либерален принцип во кој се содржани идеите на конституционализмот и ограничената влада. Кај нас,владеењето на правото е тесно поврзано со Уставот како врховен закон и доктрината на правото за водење на правосудна постапка.

Суштествено прашање кон правосудниот систем како основен столб на владеењето на правото е дилемата дали судиите се политички независни лица?! Во нашата македонска држава којашто ги прифати начелата на либералниот конститунационализам,авторитетот и универзалниот код на законите се заснова на претпоставката дека избраните судии се непристрасни и независни. Судиите можат да бидат политички личности во смисол на можноста да подлегнат под надворешна или внатрешна пристрасност. Надворешната пристрасност може да произлезе од влијанието на партиите,владата или собранието,кои имаат можности да влијаат врз судството. Внатрешната пристрасност може да е производ на предубедувањата и определбата кон одредени политички начела на самите судии.

Нашето искуство од социјализмот ни докажа дека под команда на комунистичката партија,судии можеа да бидат само децата со правно образование на актуелни припадници или соработници на политичките и безбедносни државни структури (“Кадија те тужи,кадија те суди”)!!

Актуелната состојба во македонското судство е детерминирана од финансиската зависност на правосудниот систем од буџетските дотации, како и од примена на copy-paste модели за избор на судии од други правосудни системи?!

Советниците од други земји експериментираат со нашето правосудство,со цел да проверат некои свои теоретски експликации,а потоа ако се успешни да ги применат во своите земји,а ако не се успешни (секој експеримент е ризик,проблемот е што ризикот целосно ние го прифаќаме како судбински факт) ќе ни препорачаат нови реформи?!

 

ЗАКЛУЧОК

Од мој агол на анализа заклучувам дека актуелниот степен на демократизација на македонското општество, во основа е зависен од критиката на елитистичкиот плурализам. Моќта во т.н.р “зрели западни демократии” е во рацете на богатите луѓе,при што основна разлика е во тоа дали таа моќ се разгледува како моќ на елитата, или како моќ на целата владеачка класа.

Елитистите сметаат дека изворот на моќта може да биде образованието, бирократската позиција, корпоративните врски, клиентилизмот…

Меѓутоа,јас сметам дека владечката капиталистичка класа во Македонија, а тоа се домашните капиталисти чие што богатство потекнува од неправедната приватизација на општествениот капитал , имаат огромна моќ и се во состојба да вршат притисок врз демократијата, застапувајќи ги само своите тесни економски интереси.

Избраните политичари за време на својот мандат се принудени да соработуваат со владеачката капиталистичка класа насекаде во светот, а исто така и кај нас!! Меѓутоа, во услови на финансиски, биолошки и воени кризи, политичарите се повеќе го чувствуваат демократскиот притисок на граѓаните преку резултатот од изборниот процес. Тоа е условено од потребата на граѓаните за повисок стандард и поголема потрошувачка од една страна, а од друга страна од прогресивен притисок за одговорноста на државата и политичката елита којашто раководи со државните институции- особено во економскиот и социјалниот живот.

Што се однесува за независноста на правосудниот систем во нашата држава,врз работата на судиите огромна улога има вмешаноста на политичките тела во процесот на нивните именувања и унапредувања.

Читајќи го внимателно Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Р.Македонија во 2023/24 година,особено е сигнификатно нотирањето на проблемите за квалитетот при изборот на клучните луѓе во обвинителскиот и судскиот систем. Од друга страна, актуелната власт е постојано советувана од европските челници да избегнува радикални мерки за целосни реформи и разрешување на постојните обвинителски и судски совети. Довербата на граѓаните кон овие правосудни тела од само 2 одсто упатува на нужноста од сеопфатна и целосна реформа?! Оттука, нужен е избор на квалитетни личности во обвинителскиот и судскиот совет,без политичко арбитрирање!! Тоа може да се постигне со организирање на јавни избори преку Здруженијата на судии и обвинители,врз база на пропишана процедура и толкување што значи категоријата “истакнат правник”. Впрочем,демократијата не не ништо друго освен почитување на процедурата!! Сите судии и обвинители во државата треба најпрво да се запознаат со биографиите и поднесените програми за работа на кандидатите,а потоа со гласање да се определат за составот на судскиот и обвинителскиот совет!!

Недвојбено се наметнува заклучокот сами да си го одбереме начинот којшто ќе ни обезбеди ако не целосна, туку барем во голем дел независност на македонскиот правосуден систем од политиката, потпирајќи се на нашите искуства во изминатите осумдесет години државност. Треба да постапуваме брзо и енергично, не обзирајќи се на забелешките и препораките од надворешни наднационални тела или моќни светски држави. Само од нашата храброст, решителност и одговорност ќе зависи независноста на македонскиот правосуден систем!!!

 

Марјан Ѓорчев

To top