Македонија засега нема потреба од странска помош

Активни седум пожари, повредени и неколку пожарникари

Штетата од пожарите, истакна, дополнително ќе биде утврдена од Национални шуми или од МЗШВ.

Активни седум пожари, повредени и неколку пожарникари

Утрово се активни седум пожари, ангажирани се сите ресурси и засега нема потреба од странска помош. Успешно се справуваме со актуелните пожари, за денеска се најавуваат и врнежи кои, ако паднат, ќе ја стабилизираат состојбата, но ние активно гаснеме во текот на денот, не чекаме да заврне, па ако пожарите почнат повторно да дивеат, а ресурсите не се доволни, има начин како многу брзо да пристигне помош од странство, рече директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Ангелов на прес-конференција информира дека досега се повредени неколку пожарникари. Еден пожарникар и еден жител на населено место здобиле изгореници при гаснење пожар, завчера командир на Штипската противпожарна единица ги скршил двете раце паѓајќи во провалија, а со него паднал и пожарникар кој ја скршил едната рака, додека ден претходно пожарникар доброволец за гаснење на планината Серта ја скршил раката, паѓајќи од квадрицикл.

Според Ангелов, вчера на територијата на државата биле регистрирани вкупно 27 пожари, на отворено и шумски.

-Од овие пожари, седум се утрово активни, изгаснати се 16, а четири се ставени под целосна контрола. Пожарот во Општина Македонски Брод е засега најкритичен, а се движи кон ловиштето „Јасен“, селата Брезница и Тажево. Таму е веќе еупатен полициски хеликоптер кој почна со гаснење, а набрзо треба да пристигнат и два ер трактора на Дирекцијата за заштита и спасување. На некои од овие места гори и борова шума. Активен е и пожарот во Општина Пласница, во месноста Стрмол, каде гори мешана шума, во Долнени, во атарот на село Небрегово каде утрово е повеќе забележано чадење отколку горење. На територијата на Долнени има пожар и во атарот на село Гостиржани кој е префрлен од атарот на село Богоила, Општина Чашка, пожар има и во селата Мокрени и Габровник каде гори мешана шума и ниска вегетација, кај село Ореше кој е крак од пожарот во Гостиржани, нов пожар што пона вчера попладне, има и кај село Беловиште, Гостиварско, а зафати мешана шума. И тој е нов пожар, рече директорот.

Тој напомена дека повеќето од пожарите се на тешко пристапен или непристапен терен поради што, и да се однесат повеќе пожарникари или војници и полицајци, тие не биле ефикасни, само би била доведена во прашање нивната безбедност.

-Под контрола се ставени и пожарите на Серта, нема активно горење, но ситуацијата будно се следи. Немаме потреба од странска помош, земјава има доволно домашни ресурси. Пожарите зафаќаат голема терторија, се работи со силна динамика, очекувани се повреди, иако многу внимаваме на тоа, а најмногу внимаваме на безбедноста на гасначите и населението, подвлече Ангелов.

Штетата од пожарите, истакна, дополнително ќе биде утврдена од Национални шуми или од МЗШВ.

-Според мојата лична перцепција, на планината Серта најголем дел или преку 90 отсто, се изгорени трева, грмушки, трње, нискостеблести растенија и борови покрај патот. Економската штета можеби не е голема, таа е поголема во однос на ресурсите, но еколошката штета е голема, изгоре голем дел растенија чиј коренов систем ја одржува почвата па сега, при врнежи, може да дојде до ерозија, истакна Ангелов.

To top