Од АХВ денеска преку соопштение информираат дека се зајакнати инспекциските контроли при увоз на храна од оваа земја.
– Како одговорна институција за безбедноста на храната, АХВ ја следи состојбата со случаите на труење со газирани пијалаци и минерална вода во Република Хрватска. Зајакнати се инспекциските контроли при увоз на храна од оваа земја и доколку се јави потреба, навреме ќе бидат преземени потребните мерки за заштита на граѓаните и од овој тип небезбедни производи, се наведува во соопштението од АХВ.
Во Хрватска, според јавувањето на медиумите, хоспитализирани се четири лица поради труење со газиран пијалак. Три лица завршиле во болница во Загреб, а едно во Ријека. Земени се мостри и дадени на натамошна анализа. Во Ријека 19-годишно момче завршило во болница со повреди на хранопроводникот и стомакот откако испил безалкохолен пијалак во ресторан. Хрватските медиуми ги спомнуваат и случаите на момче во Крапина кое пред неколку недели завршило во болница откако испило сок од јаболко и на маж од Пула чиј хранопровод е тешко повреден откако испил чаша минерална вода во ресторан во Ријека во мај.