Eвропскиот фронт предводен од ДУИ најавува битка за почитување на духот на Охридскиот договор и ги повика граѓаните на масовна поддршка. Сепак, Али Ахмети не објасни што значи ова со оглед на тоа што договорот е и повеќе од спроведен. Лидерот на Интегративците останува огорчен што е во опозиција и се уште тврди дека дека најголемата македонска партија во владината коалиција диктирала кој ќе ги претставува другите заедници.
Поразените на изборите, без легитимитет на суверениот, потклекнаа целосно игнорирајќи ја волјата на народот, Охридскиот договор, легитимитетот и без никаква почит кон оние кои ги донесоа сите овие квалитативни промени во нашата држава. Во овој контекст, граѓаните не прашуваат, кое е значењето на демократијата кај нас ако мнозинската заедница определува кој ги претставува Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и другите заедници? Зошто овие заедници треба да се организираат во политички партии и да учествуваат на избори за да го добијат легитимитетот на нивните сонародници ако, без разлика на волјата на нашите заедници, најголемата македонска партија одлучува за нив според нивните преференции и претпочитања?, праша Ахмети.
Според Ахмети, „Вреди“ од ситни лични амбиции и омраза кон нив, потклекнале и овозможиле етничка хегемонија.
Го започнуваме овој пат за да не дозволиме мајоризација која што го оптоварува соживотот и демократијата и ги повикуваме граѓаните да ни се придружат во нашите напори да го заштитиме гласот, легитимитетот и духот на Охридскиот договор, но и на Договорите од Преспа и за добро-соседството за европската иднина, порача Ахмети.
Претседателот на БЕСА, Билал Касами, дел од коалицијата ВРЕДИ му порача на Ахмети дека имал речиси две децении на власт за да ги направи сите работи за кои зборува.
Доколку Али Ахмети се грижеше за интересите на Албанците, ќе најдеше некакво правно решение, како што е во Косово, каде Србите се заштитени со тамошниот Устав за нивна застапеност во владата. Ахмети имаше десет години со Груевски и осум години со Заев да го институционализира ова прашање, но тоа не го направи, порача Касами.
Касами побара од ДУИ да се однесува како конструктивна опозиција, критикувајќи ги што вчера ја напуштија салата додека се дебатираше за изборот на Африм Гаши за претседател на Собранието.