Нејасно е во кое својство на потпишувањето на предизборната коалиција помеѓу ДУИ и народното движење, во работно време во хотелот „Александар палас“ присуствуваа техничкиот премиер Талат Џафери и повеќето од министрите и замениците министри од ДУИ, кои пристигнаа со службени возила.
Претседателот на новата партија Народно движење, Скендер Реџепи, е првиот кој му подаде рака на лидерот на ДУИ Али Ахмети и стана дел од Европскиот фронт, кој на претстојните претседателски и парламентарни избори ќе настапи контра албанската коалиција „Вреди“, предводена од Изет Меџити, Билал Касами, Арбен Таравари и Африм Гаши.
Нејасно е во кое својство на потпишувањето на предизборната коалиција во работно време во хотелот „Александар палас“ присуствуваа техничкиот премиер Талат Џафери и повеќето од министрите и замениците министри од ДУИ, кои пристигнаа со службени возила.
Ахмети се надева дека Фронтот ќе се окрупни и со ДПА на Мендух Тачи, Алијанса за Албанците на Зијадин Села и со партијата на Арјанит Хоџа, со кои сè уште се преговара.
Секогаш сме сонувале Албанците да бидат обединети во еден фронт. Големите работи не се прават сами. Ова обединување на Албанците ни треба, бидејќи настаните на глобално ниво одат лошо. Ништо немаме против помалите партии, но тие немаат капацитет да се соочат со настаните што се случуваат во Европа и на Блискиот Исток. Затоа ова обединување е повеќе од потребно и треба да се поддржи не само од албанската заедница, туку и од турската, бошњачката, ромската. Затоа мора сите едногласно да ги поддржиме овие обиди, бидејќи Албанците историски изгубиле во клучни моменти кога не биле обединети. Од денеска натаму сме едно тело, еден народ. Да ги реализираме соништата на нашите предци, да ги зајакнеме нашите позиции, да не паѓаме во стапицата на малите партии, туку да ја гледаме нашата историска мисија и успешно на 24 април да го поддржиме нашиот кандидат за претседател Бујар Османи и на 8 мај да се запечати победата на Европскиот фронт – порача Ахмети.
Тој нагласи дека Европскиот фронт се формира бидејќи целта е државата да биде дел од ЕУ и дека имаме потреба за повеќе мир, стабилност и иднина.
Не случајно се договоривме со Скендер Реџепи да кажеме „да за Европа, не за Русија“. Русија не е залак што треба да се запостави, бидејќи е присутна во државата, има партија, медиуми и милитанти што сакаат да ни го попречат патот зашто ние сакаме мирен Балкан, Балкан зачленет во НАТО и во ЕУ. Затоа ве повикувам како браќа на целосна мобилизација на 24 април, на референдум да одлучиме дали ќе чекориме напред или ќе останеме таму кај што сме, и на 8 мај да го повториме референдумот – рече лидерот на ДУИ.
Скендер Реџепи Зејд рече дека за него е задоволство да се приклучи на ова проевропско патување кон подобра иднина и поквалитетна и позначајна политика за сите. Тој смета дека го направил вистинскиот избор, бидејќи се приклучил во „суперлигата“.
Ова е патување кон европска иднина. ДУИ има 22-годишен пат во политиката, учество во владеењето, така што Народното движењето ќе биде голема помош на овие избори со оваа соработка, со суштинска програма за семејството, државата и општеството. Европскиот фронт ќе прави чуда и ќе докаже дека имаме добар капацитет, не само да победиме на изборите, туку се натпреваруваме и во суперлигата – рече Реџепи.
И покрај оптимизмот на Ахмети за окрупнување на Европскиот фронт, засега е извесно само приклучувањето на ДПА на Мендух Тачи, зашто засега нема договор со Алијанса на Села и со Европската демократска партија на Хоџа. Апетитите на Села и на Хоџа за добитни позиции на пратеничките листи го попречија официјализирањето на Европскиот фронт со сите партии со кои Ахмети преговара. Села, освен носител во Петтата изборна единица, за која е согласен Ахмети, барал Алијанса да добие уште четири добитни места на листите во „шестката“, „петката“ и во „двојката“. Ова за Ахмети е премногу, бидејќи едвај ги задоволува апетитите на своите сопартијци. Хоџа, пак, барал две добитни позиции на листите на ДУИ, додека понудата на Ахмети била тој да биде позициониран под десеттото место во „шестката“.