Македонија Сведоштва

Aдвокатот кој го однесе Палчо во Белград: Ми рече дека сакал преку Белград во Турција да ја среди кичмата

Палчо ќе одел преку Белград за Турција, за да си ја средел кичмата. Така, барем му рекол на адвокатот кој го возеше до Белград. Или, така барем сведочеше истиот…

Aдвокатот кој го однесе Палчо во Белград: Ми рече дека сакал преку Белград во Турција да ја среди кичмата

На денешното судење, сведокот рече дека на 30.11.2023 година, два дена по убиството на Вања, бил дома, а потоа бил во Белград, го носел Љупчо Палевски Палчо.

Васко Стојков, адвокатот кој го однел во Белград Љупчо Палевски-Палчо, првообвинетиот за киднапирањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, неколку дена откако ги извршил кривичните дела, кажа дека Палевски преку него, веднаш ѝ кажал на нашата полиција дека е во Турција.

Првин беше прашан како паднал муабетот за Белград.

„Ми се јавија утрото Влатко Кешишев и Љупчо Палевски, кој ме праша дали знам нотар што работи дента. Му кажав дека не. Ме викнаа во партијата. Беше таму Кешишев. Рече не е тука Палчо, ќе одиме кај него. Беше во стан кај ПИОМ. Ме внесе Влатко. Во станот беше Палевски и уште едно непознато лице. Зборевме за квалитетот на градбата на тие станови. Непознатиот ми свари кафе. Палчо рече дека сака да оди во Белград, па во Турција, да ја среди кичмата. Реков јас ќе те однесам. Ништо не ми беше чудно тогаш, а од овој аспект чудно ми е што Љупчо беше во тој стан. Го знам од 2017 година, нѐ запозна тука присутниот негов адвокат Јовица Страшевски. Почнавме да се дружиме приватно, но и преку партијата. Му позајмив пари, со кои спаси стан од извршување. Го продаде станот, ми ги врати парите. Ова беше 2019-2020 година. Станот беше над 70 квадрати во Аеродром”, одговараше сведокот на многуте прашања на обвинителството, кое треба да докаже вина.

Со нив за Белград бил и обвинетиот Влатко Кешишев.

„За Белград тргнавме јас, Влатко и Љупчо. Не носев пари, па во ТЦ Бисер извадив готовина. На бензинската на Макпетрол сменив евра. Рече ќе се прегледа во Белград, а ако не е подобар, ќе одел на нож, т.е. на операција во Турција. Не спомна клиника. Јас по пат барав да се видам со мои пријатели, двајца не најдов. На третиот Љупчо му побара некој поевтин хотел, блиску до центар да биде, бидејќи е без кола. Јас му дадов на Љупчо податоци од лична карта да му префрлат пари. Отидовме во хотел ‘Таш’, двокреветна соба чинеше 60 евра. Му помогнав со торбицата, се смести Палевски, јас тргнав за назад”, одговараше сведокот.

Но, според сведочењето на Стојков, до преглед во Белград не дошло, зашто веќе утредента, Палевски му се јавил дека ќе преспие во Ниш, а од таму ќе одел во Турција.

Истовремено, испаничил Ѓорѓи Џолев кој сведочеше денеска пред Стојков, но и Влатко Кешишев, поради упадот на полицијата за претрес во партијата „Десна”.

„Полицајците ми рекоа да го побарам пред нив. Му свртев двапати, не го добив. Беше 3 часот наутро, почна претресот. Ги приведоа Кешишев и уште две лица.

На втори (сабота) легнав во 6 наутро, се јави Палевски. Ми посочи адвокат. Во 12 часот напладне дојдов во ПС Пролет. Во текот на распитот се јави Палевски. Рекоа јави се и прашај кај се движел. Ми кажа бил во Турција, им пренесов на инспекторите. Пак ми се јави и ми кажа дали бил на 27, 28 ноември во Дебар Маало и како се движи вообичаено кога оди кај мајка му. Ми кажа можно е на 27-ми да сум одел таму”, зборуваше сведокот, симпатизер на партијата на Палевски „Десна”.

Го напишал сведокот ова и отишол (саботата сѐ уште) да им го даде во полиција на инспекторите.

Подоцна пак се вратил во полиција да бара клуч да го земе кучето кое е заклучено во партијата. Тука дознал дека Кешишев бил ослободен, но пак земен, и оти со полицијата сега е некаде на терен.

„Вечерта во неделата се јави сопругата на Палчо, Весна, кажа дека претрес дома ќе им прават. Се јави пак Палевски. Праша: ‘Што е ова дебел?’. Му кажав дека веќе е осуден овдека за убиство на исчезнатото девојче. Ако не си го сторил ова, треба да си дојдеш да си кажеш дека не си крив”, му рекол сведокот на телефон, пуштен на спикерфон за да слуша полицијата.

И овој сведок одговори дека најчесто комуницирале или на обична линија, или на апликацијата Телеграм. Тој кажа дека за три ипол години, му дал на Палевски 21 илјада евра. Рече сите му ги вратил. Дел од нив му ги вратил кога го продал станот во Аеродром.

Најнови вести од Македонија

To top