Македонија анализа

Аџипетров: Реформа што ја враќа довербата во високото образование

Аџипетров: Реформа што ја враќа довербата во високото образование

Во јавноста често важи правилото да сомнежот биде првата реакција кога се носи „нов закон“. Во конкретниот случај истото делумно е разбирливо, бидејќи високото образование е чувствителна сфера, со традиција, автономија и силни интереси. Поради ова новиот Закон за високо образование што го подготвуваат министерката Весна Јаневска и Министерството за образование и наука треба да се гледа како шанса, а не како закана. Со друго зборови крајно време е да се постават појасни правила, повисоки стандарди и систем што ќе ја награди вистинската вредност, а тоа е знаењето.

Прво, да се каже најважното, процесот е транспарентен и не се случува зад затворени врати. МОН јавно соопшти дека нацрт-решението е објавено на ЕНЕР и се отворени за коментари, а паралелно се одвиваат и јавни расправи на универзитетите низ државата. Тоа е основата на секоја сериозна реформа каде преку транспарентност и дијалог се доаѓа до најдоброто решение. Никако не треба да обесхрабува фактот дека тонот на дебатата е жесток, затоа што тоа значи дека фактите се презентираат „на маса“.

Второ, да бидеме искрени со себе, на сите ни е јасно дека високото образование одамна има потреба од модернизација. Светот околу нас се промени драматично. Додека најдобрите универзитети во Европа се натпреваруваат за таленти, истражувања и иновации, кај нас предолго се толерираше комфорната зона во која царуваат нејасни критериуми, различни аршини, слабости во контролата на квалитетот и што е најлошо, губење на довербата на граѓаните. Кога довербата се рони, страдаат сите кои се вклучени во процесот: студентите, професорите, институциите и државата.

Трето, автономијата на универзитетот не е алиби за неодговорност, туку предуслов за академска слобода. Во јавниот дискурс се појавуваат предупредувања дека новите решенија би можеле да донесат „поголема контрола“. Есенцијално овде е да се направи разлика, а тоа е дека контрола врз мислата не може никогаш да биде оправдана, но одговорност за квалитетот и јавниот интерес мора секогаш да постои. Универзитетите се автономни, но и финансирани (директно или индиректно) од граѓаните. Граѓаните имаат право да очекуваат диплома што значи знаење, програми што се релевантни и кадар што создава компетентни професионалци. Впрочем сите сакаме да живееме во една подобра Македонија.

Четврто, посебно значајно е што се отвора прашањето за регулираните професии, оние во кои грешката не е само личен неуспех, туку потенцијален ризик за други луѓе како на пример здравството. Во такви области, државите ширум Европа поставуваат построги услови, токму затоа што јавниот интерес е над удобноста. Во изјавите на министерката Јаневска се потенцира дека за дел од регулираните професии нацрт-решението не предвидува вонредно студирање, како мерка што оди во насока на јавниот интерес и повисок квалитет. Ова не е „казна“ за студентите, ова е порака дека одредени професии бараат поинаков интензитет, структура и стандарди.

Петто, вистинскиот тест за секој закон е дали ќе ја намали сивата зона и ќе ја зголеми правичноста. Добар закон ги штити студентите од импровизации и ниски критериуми, им дава јасни правила на универзитетите, ги наградува резултатите и квалитетот и она што може ни е и најважно го намалува просторот за „кратенки“ што на крај би ја обезвредниле дипломата.

Во суштина, реформата не е за да се „победи“ некоја страна во дебатата или да се оствари политичка победа. Реформата е за да се победи системската инерција. Кога нацрт-закон предизвикува полемики, тоа не мора да значи дека е лош, напротив може да значи дека конечно се допираат теми што со години биле оттурнувани под тепих. И затоа е важно да не се водиме од дневнополитички рефлекси, туку од прашањето каков универзитетски систем им должиме на следните генерации?

Никој закон не е совршен, но во конкретниот случај имаме високо транспарентен процес што јасно ја покажува намера да се стигне до подобар текст преку аргументи. Наместо „повлекување“ како опција, поодговорно е да бараме подобрување т.е. да се дообјасни каде треба, да се прецизира каде има дилеми, да се вградат гаранции за автономија таму каде што е нужно, и да се зацврсти контролата на квалитет таму каде што јавниот интерес го бара. На крајот, потребата од нов Закон за високо образование не е каприц на една влада или една министер. Тоа е нужност ако сакаме дипломата да вреди дома и да биде препознатлива надвор, нашите студентите да излегуваат со применливи компетенции со што универзитетите би биле двигател на развој, а не административна рутина. Доколку ова се примени тогаш Македонија би се приближила кон европски академски стандарди, не само на хартија, туку во реалноста. Затоа, наместо страв од промената, да избереме зрелост, да ја искористиме јавната расправа за да добиеме подобар закон, а потоа да имаме храброст да го спроведеме, бидејќи без квалитетно високо образование со сигурност ќе немаме иднина во оваа држава.

 

м-р Роберт Аџипетров

Директор на Педагошка служба
Министерство за образование и наука

Најнови вести од Македонија

To top