На 19 декември 1921 година во селото Небрегово, прилепско, е роден Блаже Конески, еден од најистакнатите македонски културни дејци, академик, писател, врвен поет, научник, чие творечко истражување даде огромни резултати во македонската литература во областа на културната историја на македонскиот народ.
Во 1945 година ја објави првата книга, поемата “Мостот”, а потоа и делата “Земјата и љубовта”, “Песни”, “Стари и нови песни”, “Чешмите”, “Послание”, “Светот на песната и легендата” и други.
Автор е на повеќе значајни трудови, меѓу кои и на “Граматиката на македонскиот јазик”, “Историјата на македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици и јазикот на македонската народна поезија”. Се занимаваше и со преведувачка дејност.
Неговите дела се преведени на повеќе странски јазици. Покрај другите награди, Конески е добитник и на “Златниот венец” на Струшките вечери на поезијата во 1981 година.
Умре во Скопје, на 7 декември 1993 година.