Актерки и актери на НУ Народен театар, вечер во Битола премиерно ќе ја изведат претставата „Пламенка“ работена според истоимениот роман на Петре Димовски, а во режија на Софија Ристевска Петрушева.
Претставата „Пламенка“ е копродукциски проект на НУ Народен театар, НУ Центар за култура и Интимен театар-Битола, чиј тим на сцена го пренесува делото на битолскиот писател Петре Димовски, роман чија драматизација ја подготви Билјана Крајчевска.
-Нашата главна тема е жената и нејзиното преживување и жената како архетип на она што го претставува идентитетот, борбата за слободата, на нашиот јазик, на нашето традиционално минато. Текстот беше многу обемен, меѓутоа, успеавме во него да вметнеме, и некои нови текстови, наши текстови, наши лични приказни кои сме ги слушнале од нашето семејство, од местото каде што живееме. На тој начин романот повторно добива актуелизација. Денес во едно време на општество каде што не само војните, туку и насилството врз жената и врз целото човештво претставуваат постојана закана, истакна драматургот Крајчевска во пресрет на вечерашната премиера на „Пламенка“.
Во претставата настапуваат Маја Андоновска Илијевски, Викторија Степановска, Катерина Аневска Дранговска, Вероника Ефтимова, Валентин Дамчевски.
Автор на кореографијата и сценските движења е м-р Љупка Стефановска, вработена во НУ Центар за култура Битола.
-Кореографијата и движењата кои што се во претставата ја прикажуваат традицијата, односно традиционалниот начин на нематеријалното живеење и нематеријалните вредности на нашиот народ. Тоа е тешко да го доловиме, меѓутоа кога го сакаме тоа можеме да го презентираме. Кореографијата се надоврзува на сите оние периоди на војувања, војски и страдања на македонската жена, на македонскиот народ, кои не може преку говор да се изразат. Кореографиите, инструментите, движењата ја надополнуваат сликата, мозаикот искажан од членови на КУД „Илинден“ Битола, нагласи Стефановска.
Музиката во претставата е авторска на Александар Талевски, костимите се авторско дело на Андреј Папаз Ѓоргиевски, сценографија е на Михаел Димитровски, видео оператор Владимир Переловски, а фотографиите и графички дизајн се на Сашо Илковски.