Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков информира дека во 2025 година ќе биде објавен конкурсот од Македонската радио-телевизија во врска со снимањето на филмот за Тоше Проески, а проектот треба да се реализира во рок од две години.
-Пред два дена го најавивме снимањето на играниот филм, серијата и документарниот филм за Тоше Проески. Средствата ќе бидат обезбедени од буџетот на државата преку Министерството за дигитализација, а проектот ќе го води Македонската радио-телевизија. Во проектот ќе бидат вклучени многу повеќе копродуценти, се надевам дека ќе бидат копродуценти скоро сите национални телевизии од Балканот, бидејќи навистина има многу голема заинтересираност, рече Љутков на денешниот брифинг со новинарите.
Во однос на тоа кога ќе почне снимањето, министерот рече дека зависи од тоа како ќе тече конкурсот.
-Во овие две години ќе бидеме постојано информирани за се што се случува и треба да бидат снимени трите проекти, тоа е серијата, играниот филм и документарецот. Работиме на тоа и да можеме да направиме едно музичко шоу, за млади таленти кое што би го носело името на Тоше Проески, на малку повисоко ниво, но за тоа се уште разговараме, додаде Љутков.