Актерот Тони Михајловски е добитник на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2024 година.
Ваква одлука донесе жири комисијата составена од актерите Слободанка Чичевска, Фаик Мефаилоски и Благојчо Стојанов. Наградата ќе биде врачена во рамки на фестивалот на комедија „5ре“ кој ќе се одржи од 20 до 31 март.
Михајловски над три децении е дел од македонскиот театар, филм и култура.
Преку остварените ликови на сцената на МНТ и на други театри и ликовите пред филмската камера се испишува и голем дел на историјата на театарот и филмот кај нас. Посветеноста, автентичноста и препознатливоста на Михајловски говорат за неговиот широк актерски распон и придонес на сцената, а истовремено и за секоја нова претстава/филм/серија.
Тој е еден од најпопуларните и најталентирани актери во македонското глумиште. Со огромен одглас и вон нашата земја. За тоа сведочат ликовите во 27 претстави на сцената на МНТ и на други сцени, 46 ликови во филмови и ТВ серии во македонска и балканска продукција, како и 3 режии.
Не помалку се важни и неговите успешни реализации и работа во ТВ проекти и емисии, и како текстописец на бројни песни за голем број на пејачи и групи.