Култура Прилеп

Со повеќе од 10 настани прилепскиот „Завод и музеј“ ќе ги одбележи „Европските денови на културното наследство“

До 4 октомври се предвидени 10-тина активности, работилници, посети на музејските поставки во рамките на Завод и музеј-Прилеп.

Со повеќе од 10 настани прилепскиот „Завод и музеј“ ќе ги одбележи „Европските денови на културното наследство“

Со посета на Меморијалниот музеј „11 Октомври“ во центарот на Прилеп и со претставувањето на фото изложбата „Ченто во училишните библиотеки“, прилепскиот Завод и музеј денеска ги почна активностите за „Европски денови на културното наследство“. До 4 октомври се предвидени 10-тина активности, работилници, посети на музејските поставки во рамките на Завод и музеј-Прилеп.

-Годинава е унифицирана темата, а таа е „Мрежи, патишта, врски“. На кој начин историјата да ја поврземе со сегашноста? На кој начин луѓето што живееле пред нас нѝ го оставаат наследството за да можеме да го живееме денешниот живот? Токму за ова ги организираме настаните, едукативни, за сите возрасти да ги спознаат фактите и да знаат со какво наследство ние располагаме. А располагаме со бесценетост, од праисторијата до најновото време со современата уметност, изјави Мимоза Христоска, в.д. директор на прилепскиот Завод и музеј.

Меѓу бројните посетители во прилепскиот Меморијален музеј „11 Октомври“ беа млади-ученици со нивните професори и сите сакаат да има повеќе информации за историското минато и за културата на овие простори.

-Убаво е да има организирани екскурзии, во слободниот период пред крајот на учебната година да се посетат археолошки локалитети за младите да научат повеќе за нас и нашата историја, или да се донесат експерти тоа да им го предочат на младите, вели Филип Стеваноски, професор по историја во прилепското средно училиште „Орде Чопела“.

Историчарот од прилепскиот Музеј, Рубинчо Белчески кој одржа предавање за значењето на првиот претседател на президиумот на АСНОМ- Методија Андонов Ченто вели дека битни се сознанијата и поголемата едукација на новите генерации за нашата богата историја.

-И Македонија, а и Прилеп имаат богата историја со која може да се гордеат. Денес им го претставуваме делото и значењето на првиот претседател на президиумот на АСНОМ- Методија Андонов – Ченто. Неговите борба, стремежи и желби за слободна и независна држава. Тоа мора да го знаат новите генерации. Ова е пригода да се зголемат сознанијата и значењето од познавањето на сопствената историја, рече Белчески.

Во прилепскиот Завод и музеј пред младите беше претставено и значењето на праисотрискиот локалитет „Врбјанска ќука“ во Прилепско.

До 4 октомври преку 10 настани и работилници ќе биде пренесено богатото културно наследство.

To top