Со театарски перформанс од „Убавицата и ѕверот“ беше одбележан Светскиот ден на театарот во Кавадарци. Пред присутните, настапија членови на театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“.
Директорката на културниот дом Јулијана Туриманџова рече дека за сите театарски работници и творци, како и за љубителите на театарската уметност, ова е исклучително важен и голем ден.
Микица Илова, режисер, рече дека е ова мал театарски перформанс, од претставата што ќе ја има својата премиера на 11 април.
– Претставата „Убавицата и ѕверот“ е за сите возрасти, една прекрасна француска бајка. Со овој перформанс сакавме да ја зголемиме љубопитноста за самата претстава и радува фактот што настанот е многу посетен, особено од млади љубители што ја сакаат уметноста и уживаат во неа, нагласи Илова.
Беа прочитани и светската и македонската порака, по повод Светскиот ден на театарот. (МИА)