Култура Матица македонска

Со голема донација за Македонците во Албанија се заокружува иницијативата „Подари книга, подари свет“ на „Матица“

Месецот на дарувањето во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“ заврши, но донациите коишто „Матица македонска“ ги остварува постојано во рамките на својата мисија за афирмација на македонската книжевност ќе ги има и натаму.

Со голема донација за Македонците во Албанија се заокружува иницијативата „Подари книга, подари свет“ на „Матица“

Со голема донација од книги за Македонците во Албанија, денес се заокружува иницијативата „Подари книга, подари свет“ што „Матица македонска“ ја покрена по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги, во рамките на чествувањето на 35-годишнината од своето основање. Клучни книги за македонската историја, студии за македонскиот јазик, избрани дела од дел од најзначајните македонски поети и прозаисти, дела од и за македонската книжевна историја, монографски изданија за македонската култура и антологии се само дел од донацијата на „Матица македонска“ за Македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Друштвото е формирано во 2009 година со цел да се заштити македонското национално малцинство во Република Албанија и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава што е рамноправен член со право на глас во Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Донацијата од „Матица македонска“ е најголемиот и највреден дар од книги на македонски јазик што досега е даден за Македонците во Албанија.

– Македонско друштво „Илинден“ – Тирана упатува искрена благодарност до „Матица македонска“ за вредната донација со македонска литература. Оваа значајна иницијатива претставува силна поддршка и дополнителен поттик за зачувување, негување и афирмација на македонскиот јазик, култура и идентитет меѓу Македонците во Република Албанија. Со вакви дела на солидарност и соработка се зацврстуваат културните врски и се создаваат нови можности за понатамошна поддршка и заеднички активности. Гестот и заложбата на првата издавачка куќа во самостојна Македонија, Македонците од Албанија, вклучително и младите генерации да имаат можност да читаат и да се едуцираат на македонски јазик од вредни дела, притоа осознавајќи многу за македонскиот идентитет е од суштинско значење за нас и за остварување на нашата цел, истакнува претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај.

Донацијата од „Матица македонска“ содржи изданија што ќе можат да ги опфатат сите предели каде што живее македонското национално малцинство во Албанија и каде што Македонкото друштво „Илинден“ има активности, вклучително и преку органокот во Голо Брдо. Оваа акција на првата издавачка куќа во самостојна Македонија се случува во клучен период на предизвици за македонското национално малцинство во Албанија, а непосредно откако Македонското друштво „Илинден“, на 6 февруари одбележа 17 години постоење.

Инаку, иницијативата „Подари книга, подари свет“ што се заокружува со оваа донација, „Матица македонска“ ја почна со идеја за првпат во Македонија на повиско ниво да се чествува Меѓународниот ден на дарувањето книги, воспоставен заради поттикнување на љубовта кон читањето и овозможување пристап до книги за деца ширум светот. Но со интересот што го предизвика иницијативата кон којашто се приклучија и општествено одговорни компании, јавни личности, институции и огромен број читатели од клубот „Матица“ прерасна во најголема акција и иницијатива за дарување книги во нашата држава, со исклучително масовен интерес.

Во текот на изминатите недели, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, „Матица македонска“ оствари уште неколку значајни донации од книги. Голема донација од книги доби и Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, Турција. Во ова Друштво, покрај иселеници-Турци што иако отселени во 1957 година сѐ уште со гордост го зборуваат македонскиот јазик, членуваат и нивните потомци – до најмладите генерации родени таму во 21. век, коишто имаат желба да го научат и да зборуваат, читаат и пишуваат на јазикот на земјата од којашто потекнуваат – македонскиот, и љубовта кон него и кон Македонија да се пренесува од генерација на генерација. Само еден ден откако беше објавено дека во уште едно училиште во Хрватска, во градот Света Недела во близина на Самобор ќе се изучуваат македонскиот јазик и култура, веќе се случи првата донација од Македонија за училиштето. „Матица македонска“ испрати голема донација од книги во Хрватска, за учениците што ќе го учат предметот Македонски јазик и култура во Света Недела. На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, заедно со „Алкалоид“, „Матица македонска“ донираше капитални дела за македонистиката на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана – првиот македонистички центар на универзитет надвор од Македонија. Во пресрет на јубилејот 65 години од отворањето на првиот лекторат по македонски јазик во светот, оваа донација е и првата поддршка во ваков формат упатена од Македонија до љубљанската македонистичка Катедра по овој повод.

Месецот на дарувањето во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“ заврши, но донациите коишто „Матица македонска“ ги остварува постојано во рамките на својата мисија за афирмација на македонската книжевност ќе ги има и натаму.

„Матица македонска“ продолжува со бројни активности во знакот на 35-годишината од основањето, со многу нови вредни изданија за сите генерации.

Најнови вести од Култура

To top