Култура

Шпанска вечер на „Охридско лето“ со Камерниот ансамбл „Ла Спања“

Шпанска вечер на „Охридско лето“ со Камерниот ансамбл „Ла Спања“

Годинешното 63-то издание на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со програмата од музичкиот дел, со шпанската вечер во чии рамки ќе се одржи концертот на Камерен ансамбл „Ла Спања“, со уметниците Алехандро Мариас – диригент, виола да гамба, Рамиро Моралес на архлаута и барокна гитара, Хуан Карлос де Мулдер – архлаута, Хорхе Лопез-Ескрибано – чембало и оргули и Пабло Гаридо на виола да гамба.

Ансамблот „Ла Спања“ името го добива од една од најпознатите мелодии од ренесансниот период, а  е основан во 2009 година од Алехандро Мариас. Ансамблот обединува некои од најдобрите музичари кои свират на автентични инструменти. Ансамблот има флексибилна формација, што значи може да настапува како камерен состав или пак како барокен оркестар. На тој начин „Ла Спања“ може да настапува во изведба на ораториуми и опери заедно со гости солисти и диригенти, или пак да се трансформира во помали состави за потребите на програмата. Овој ансамбл е посветен на изведба на дела од периодите на ренесансата, па сѐ до раниот романтизам, а понекогаш дури и на дела од 21 век. Сепак нивниот главен фокус е во барокниот период, но изведувајќи дела и од други периоди тие покажуваат еден вид уметничка разновидност која ја обединуваат неколку премиси, а тоа се убедливи и искрени изведби на дела со особена почит кон историските, социјалните и стилски предуслови на репертоарот кој го изведуваат.

Уметничкиот раководител на Ансамблот, Алехандро Мариас, е роден во Мадрид, во семејство на интелектуалци. Тој од рана возраст знаел дека музиката ќе биде негова животна определба. Студиите ги започнува на Мадридскиот конзерваториум во класите на Енрике Кореа и Мариа де Мачедо, таму студира виолончело и виола да гамба. Потоа заминува во Франција и се усовршува на полето на историски автентични изведби на класичниот и романтичниот период, но пота и во Женева, таму магистрира барокно виолончело и виола да гамба. Мариас предава на Конзерваториумот во Севилја, а истовремено е и уметнички раководител на ансамблот „Ла Спања“. Покрај овие ангажмани, тој е член на квартетот „Франциско Гоја“, и соработник на неколку барокни ансамбли како „Зарабанда“, „Форма атниква“ и „Академиа дел пјачере“. Настапува низ целиот свет како камерен музичар и како солист, соработувајќи со светски познати диригенти- специјалисти за барокниот репертоар:  Марк Минковски, Тон Копман, Филип Херевеге, Ерв Нике, Енрико Онофри…

Има снимено повеќе це-деа со квартетот „Гоја“, а носачот на звук посветен на музиката на Телеман кој го снима со „Ла Спања“ е одлично примен од критиката. Норман Лебрехт за него ќе напише: „Ла Спања брилијантно ја изведува музиката, така како што само може да се посака под виртуозното водство на Алехандро Мариас“. Во 2019 година издавачката куќа „Брилјант класикс“ издава це-де со дела за виола да гамба од Жак Морел, што претставува премиерна снимка на овие композиции.

За вечерашниот концерт на „ла Спања“ од 21 часот е резервирана сцената на катедралната црква „Света Софија“.  (МИА)

To top