Се градат нови мостови за книжевната македонистика и за нејзината меѓународна афирмација. Вчера, Ниш беше во знакот на современата македонска книжевност. Универзитетски професори, книжевни истражувачи, преведувачи, лингвисти, студенти, уметници, високи претставници на македонската заедница во Србија… Сите беа дел од вечерта посветена на современата македонска книжевност, на којашто се промоцираа две капитални дела објавени оваа година во Србија, а коишто се однесуваат на современата македонска проза и поезија – и двете резултат од работата на проф. д-р Данијела Костадиновиќ.
-Костадиновиќ се обврза, со многу љубов, и професионално, со висока стручност да ја гради српската. а особено нишката македонистика. Таа продолжува да чекори по патот што го трасираше проф. д-р Мирољуб Стојановиќ на Универзитетот во Ниш. И околу 40 години таа македонистика својот топол дом го има на Филозофскиот факултет во Ниш, истакна проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.
Промовирајќи ја научната монографија на Костадиновиќ, „Каде што дрвјата умираат: магичниот реализам на Живко Чинго“, објавена оваа година, како нејзин рецензент, Мојсова-Чепишевска нагласи дека преку неа, Костадиновиќ се потврдува како одличен познавач на широк спектар теоретска литература од различни области – теории на литературата, фолклористика, историја на религијата, антропологија, психоанализа.
-Оваа книга претставува значаен придонес во откривањето на постојаниот дијалог меѓу фолклорните традиции и современото/модерно раскажување. Ова е книга од која ќе учат и македонските и српските студенти. Љубителите на српската и на македонската книжевност ќе ја читаат оваа книга за великиот Чинго и неговата поетика и преку неа ќе спознаат суштински важни елементи на македонската раскажувачка проза, посочи меѓу другото Мојсова-Чепишевска во својот критички осврт во кој детално ја анализираше книгата на Костадиновиќ.
За монографијата посветена на магичниот реализам на Чинго, критички се осврна и проф. д-р Данијела Поповиќ-Николиќ од Филозофскиот факултет во Ниш.
Вториот дел на настанот беше посветен на аманетната книга на Ацо Шопов, „Дрво на ридот“, што во препев на Костадиновиќ, годинава за првпат беше објавена и на српски јазик. Воедно, ова е прво издание во кое одделно, интегрално, оваа книга на Шопов се објавува во препев. За неа, промотивна реч одржа рецензентот на изданието, ас. м-р Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.
Тој се осврна на комплексноста на поетското творештво на Шопов за превод и на целогодишната посветеност на Костадиновиќ на овој преведувачки потфат.
-Убеден сум дека објавувањето на овој превод ќе поттикне нови мостови на соработка меѓу српската и македонската културна и академска средина. На тоа укажува и самиот факт што се отвора нова едиција на Друштвото на писателите и книжевните преведувачи на Ниш, со „Дрвото на ридот“ како прва книга. Но, како да има некоја симболика во името на оваа библиотека – „Код“. Бидејќи, навистина, преку преводот на поезијата на Шопов од Данијела Костадиновиќ, специфичниот македонски поетски код, сега е подостапен за српската јавност. Објавување на првиот квалитетен превод на една од најважните книги на автор класик е многу важен чин за секоја национална книжевност. Меѓу таквите важни објави, кога станува збор за македонската современа книжевност, припаѓа и ова издание. Езерото на животот на Ацо Шопов, сега бранува и во препев на српски јазик, со нови читања, истакна Антоновски во завршницата на своето излагање.
Пред присутните, емотивно, со голема љубов за македонистиката и за Македонија се обрати и проф. д-р Данијела Костадиновиќ.
Покрај книжевната вечер, македонските и српските колеги од двата универзитетски центри разменија идеи и договорија конкретни чекори за натамошно продлабочување на соработката.