Утре ќе биде промовиран романот со потресна приказна што ги руши границите меѓу фактот и фикцијата – „Во длабочината на моите рани“ од младата авторка Благица Каревска. Романот, неодамна беше објавен од книгоиздавателството „Панили“, а како спој на елементи на психолошки роман, фантастика, љубовна приказна, семејна драма и трилер, овој роман не е само поигрување со жанрот, туку и четиво какво што ретко, македонската читателска публика може да прочита од млад македонски автор.
Промоцијата ќе се случи во „Матица ексклузив“, денес, 5 март, со почеток во 18:35 часот. Во пресрет на настанот, Каревска која со овој роман и дебитира на македонската книжевна сцена, нагласува:
– Неможеме да го лечиме телото додека душата е запоставена и распрскана во него како стакло и нѐ сече однатре… Ако дуговно се игнорираме, како би биле добри луѓе? Ако замижуваме пред вистинските вредности, како ќе погледнете во убава иднина и добри луѓе?
Оваа порака е поврзана и со содржината и со сето она шо се крие во „Во длабочината на моите рани“, роман во којшто нема класични протагонисти и антагонисти, затоа шо секој од ликовите го носи својот товар што го поттикнува да ги доживее и најголемите падови и најголемите предизвици и издигнувања во животот. Преку приказната за девојка што се судира и со најблиските, и со општеството, и најмногу со самата себеси, со сопственото потекло и со сопствените слабости, Каревска отвора лепеза на уште многу не само на потресни и трагични, туку и на вистинити животни приказни, за коишто сме свесни, но ги избегнуваме во секојдневјето. Притоа, си поигрува со местото и времето на случување на дејството – иако некогаш во овој простор во кој живееме сите, а некогаш во просторот во кој патуваат нашите души, всушност, вистинскиот хронотоп на ова дело е онаму каде што упатува и насловот – во длабочината на раните, во длабочината на душата…
Сите носиме рани и лузни во нашите души, но храброст и потфат е од нив да се создаде книжевност, онака како што тоа го прави Каревска. А одамна е речено дека вистинската книжевност се создава од/во тежок живот. Но сепак, иако тешка и потресна, приказната од романот „Во длабочината на моите рани“ завршува со светлина.
– Кога би можела мојата душа да зборува, би врескала. Кога би можело моето тело да осети вистинска болка, онаа душевната, би се распаднало. Го исплакав целиот свој живот без солзи. Без право на збор. Телото овде… А душата?! Каде е таа, прашувам без глас. Зар би можела да сакам со празно срце?
Ова е дел од воведот кон книгата на Каревска. А по него следи сето она што читателот го тера да се соживее со ликовите, и тој поставувајќи си многу прашања, со душа што би вреснала, соочувајќи се со автобиографското и фикцијата поврзани во единство што нѐ поттикнува и ние да се препознаеме во лепезата на судбини што се меѓу кориците на оваа книга.
На промоцијата, читателите ќе можат да дознаат и многу повеќе за овој роман што ги руши ганиците меѓу фактот и фикцијаа, но и границите на жанрот.