Култура младешки импулс и глас

Промоција на стихозбирката „Песнило“ од Ива Петреска

– „Песнило“ пее за сите нешта што се чувствуваат на кожата, што ежат, што горат, што оставаат лузни, а потем сече, слој по слој, со прецизен и остар јазик како скалпел, соголувајќи го гнилото во нас и во општеството, за накрај в раце да го држи нашето срце и од нас зависи дали ќе ни заврши во тегла, смета Јулијана Величковска.

Промоција на стихозбирката „Песнило“ од Ива Петреска

Дебитантската стихозбирка „Песнило“ од младата поетеса Ива Петреска утревечер ќе биде промовирана во „Кафе Лаб“ („Лабораториум“) во Скопје.

Збирката низ разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска, а настанот ќе биде збогатен и со изложба на фотографии од Колевски.

– „Песнило“ пее за сите нешта што се чувствуваат на кожата, што ежат, што горат, што оставаат лузни, а потем сече, слој по слој, со прецизен и остар јазик како скалпел, соголувајќи го гнилото во нас и во општеството, за накрај в раце да го држи нашето срце и од нас зависи дали ќе ни заврши во тегла, смета Јулијана Величковска.

Според поетесата Долорес Атанасова-Лори, Ива Петреска со својот младешки импулс и глас им ја дава живоста и бојата на нештата од кои е составен товарот на животот.

-„Песнило“ е анатомија на суштественото; песните се хируршки прецизни резови преку кои се прави пристап до телесното и духовното, од каде излегуваат звучно и тактилно, со сета своја силина, љубовта, презирот, молкот на едниот и крикот на другиот, болката на местото на љубење, сето тоа длабоко од внатрешноста на срцето, директно од местото на допирот, однатре истекува сета зачуденост од неправди и лаги, сета растргнатост помеѓу грижата за другиот и гневот кон него, сета храброст одново и повторно да љуби. „Песнило“ е сите прашања, сите повици да се разбуди другиот, да се биде буден, да се гледа, да се држи погледот вперен во убавината, во апсурдот, во животот, да се биде една од „жените што трчаат со волците“, да се биде дива, а не сива, смета Д. А. Лори.

Ива Петреска (2001, Скопје) студира на Медицинскиот факултет во Скопје. Учествувала на повеќе поетски читања, како што се: „Поетска епизода“ и „Клинци“ во организација на „Култура Бета“,„Отскочна даска“, настан за млади во рамки на Скопскиот поетски фестивал, „Добри гости“, и др., а неколку нејзини песни се објавени во „Репер“. Застапена е во „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ (2023, ПНВ Публикации). „Песнило“ е нејзина прва стихозбирка.

Најнови вести од Култура

To top