Директорот Роберт Вељановски и актерката Трајанка Илиева-Вељиќ на денешната прес-конференција ја најавија првата премиера во годината во која Драмски театар го прославува големиот јубилеј ̶ 80 години од основањето на театарот.
Премиерата на претставата „Драми на принцезите – Џеки“ ќе се игра в петок на 13 февруари во 20 часот на Малата сцена на Драмски.
„Драми на принцезите – Џеки“ е монодрама на режисерката Жива Бизовичар од Словенија. Претставата е работена по текст на австриската авторка Елфриде Јелинек, која за романот „Пијанистка“ во 2004 година ја добива Нобеловата награда за литература.
Преводот на текстот од германски јазик е на Катерина Шекутковска. Во уметничкиот дел од тимот на претставата работеа драматургот Ник Жнидаршиќ, сценографот и автор на музика Јан Крмељ од Словенија. Костимограф на претставата е Александар Ношпал, фотограф е Филип Кондовски. Инспициент е Жарко Намичев, а суфлер е Милка Анчевска.
Актерката Трајанка Илиева-Вељиќ во своето обраќање се заблагодари на колешките Јелена Жугиќ, Нина Елзесер, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Сара Климоска, Ивана Павлаковиќ и Јасмина Василева за поддршката што ѝ ја дале за монодрамата „Драми на принцезите – Џеки“.

Во програмската белешка за претставата се истакнува дека: „Во драмскиот текст ‘Драми на принцезите’, Елфриде Јелинек ја користи фигурата на Џеки Кенеди како културен и медиумски конструкт, а не како приватна, историска личност. Таа е симбол на жената претворена во икона преку траумата, жената чија болка е јавно експонирана, естетизирана и консумирана од масовната култура.
Џеки Кенеди во текстот не постои како субјект со сопствен глас, туку како тело и слика врз кои се проектираат машките, политичките и медиумските наративи. Смртта на сопругот не е само лична загуба, туку спектакл, историски момент кој ја замрзнува во улогата на „вечната вдовица“. Јелинек ја проблематизира токму таа позиција: жената која мора да биде достоинствена, убава и тивка додека светот ја набљудува нејзината траума.
Преку Џеки Кенеди, авторката ја разобличува врската меѓу моќта, машкиот политички мит и женската пасивност. Таа е присутна како прилог кон машката историја, како украс и доказ за величината на мажот, дури и во моментот на неговата смрт. Нејзината индивидуалност исчезнува зад симболиката, зад фотографиите, костимот, јавниот гест.
Во контекст на циклусот ‘Драми на принцезите’, Џеки Кенеди претставува модерна варијанта на девојката која е жртвувана, не преку директно насилство, туку преку јазикот, медиумите и идеалите за женственост. Смртта тука не е само физичка, туку и симболична — смрт на приватноста, на субјективноста и на автентичниот женски глас“.
Претпремиерата на претставата „Драми на принцезите – Џеки“ е во четврток, а премиерата во петок со почеток во 20 часот. Билети може да се купат на билетарницата на театарот или онлајн.