„Драми на принцезите“ е новата премиера што ќе се изведе утре на 15 ноември во 20 часот на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје.
Претставата е работена по циклусот постдрамски текстови „Драми на принцезите“ со поднаслов „Смртта и девојката“ на нобеловката Елфриде Јелинек. Преводот од германски јазик го направи Катерина Шекутковска. Во уметничкиот тим што работеше на претставата е трочлена екипа од млади и талентирани уметници од Словенија. Режијата е на Жива Бизовичар, прв драматург е Ник Жнидаршиќ. Втор драматург и редакција на превод: Викторија Рангелова – Петровска. Сценограф и автор на музика е Јан Крмељ. Костимите се на костимографот Александар Ношпал. Дизајн на светло: Жива Бизовичар, Јан Крмељ и Ник Жнидаршиќ. Сликар-изведувач: Ѓорѓи Ѓорѓиевски. Музичко-вокален консултант: Ива Дамјановска и фотограф е Стефан Стамандов. Инспициент е Жарко Намичев и суфлер во претставата е Милка Анчевска.
Ликовите ги играат актерките на Драмски театар Скопје: Снежана: ЈЕЛЕНА ЖУГИЌ, Ловецот: НИНА ЕЛЗЕСЕР, ТРНОРУШКА, Трнорушка: БИЉАНА ДРАГИЌЕВИЌ-ПРОЈКОВСКА, Принцот: САРА КЛИМОСКА, Џеки: ТРАЈАНКА ИЛИЕВА-ВЕЉИЌ, Силвија: ИВАНА ПАВЛАКОВИЌ и Ингеборг: ЈАСМИНА ВАСИЛЕВА
Во програмската книшка на претставата режисерката Жива Бизовичар истакнува: Циклусот постдрамски текстови Драми на принцезите со поднаслов Смртта и девојката, нобеловката Елфриде Јелинек го пишува на преминот на векот и го завршува во 2002 година, како феминистичко дополнување на бајките на браќата Грим. Во циклусот, Снежана и Трнорушка веќе не се беспомошни девојки препуштени на милост и немилост на мажите, туку жени кои сакаат да ја избегнат смртта иако знаат дека обидот е осуден на пропаст. Смртта им е веќе запишана со нивните иницијали, тие можат само да ѝ се предадат и да се спасат од непотребниот напор за бегство – единственото нешто што можат да направат со смртта е да ѝ се доверат, да разговараат со неа за својата приказна. За разлика од нив, Џеки (Оназис) е смрт сама за себе. Ракот ја глода, а таа, претворена во статуа, на публиката ѝ ја раскажува својата „вистинска“ приказна: била принудена да стане совршена жен(ск)а, префинета слика, темнина во која не може да проникне ниту светлината на Мерилин Монро, која ја прогонува. Во Ѕидот, последниот дел од циклусот, Ингеборг Бахман и Силвија Плат, две големи писателки кои ги засенија своите мажи кои исто така беа писатели, се обидуваат да го пресоздадат светот. Туркаат низ ѕидот, но не можат да го скршат или да го исчистат за да видат што има зад него. Мора да најдат друг начин.
Драматургот Ник Жнидаршиќ издвојува дека: Овој текст е нетипичен за Елфиде Јелинек. Го има напишано пред фазата во која сеуште се наоѓа и во која пишува јазични „површини“. Во овој текст сеуште ги задржува ликовите, јасната структура во пет дела и препознатливата приказна. Сепак, текстот е многу херметичен. При прво читање остава впечаток дека станува збор за серија на изјави, но подоцна се испоставува дека секоја реченица всушност претставува многу јасна усмерена мисла, со која – преку нашата интерпретација-зборува пред се за репрезентацијата на жената и за тоа како жената треба да се претставува самата себе.
Претставата ја градевме како жанровска градација од драма кон комедија, кон монодрама. Последниот дел Ѕидот, во кој Ингеборг Бахман и Силвија Плат – две големи писателки на своето време, кои донекаде засенети од славата на нивните мажи, кои не можеле да го прифатат, да го „сварат“ нивниот талент – секоја на свој начин ја спроведува феминистичката агенда преку своето пишување. Во текстот, Јелинек, тој мотив го претвара во обид за создавање на нов свет. Во овој дел, режиран изразито современо, Јелинек евоцира на жртвените грчки ритуали, само што тука не се жртвуваат жени туку се жртвува машко животно – овен. Со тоа се обидува да создаде нов свет во кој за жените не би постоела бариера, некој ѕид кој не можат да го пробијат, во свет во кој доколку сакаат да го пробијат, единствено можат да си ја искршат главата.
Драматургијата на претставата како и обично кога работам со Жива, се базира на семиотика. Во овој случај се пристапи на блага семиотичка дестабилизација или барем на семиотичко поместување. На пробите откривме дека овој текст функционира само доколку во поголемиот дел не се кажува она што се прави и ако не се прави она што се кажува. Значи, работите мораат физички да се случат пред или по изреченото. Таквите поместувања всушност убаво го генерираат значењето и ги надминуваат самите приказни, го пробиваат херметичниот текст и создаваат значења кои се поврзуваат со широката општествена слика.
Ликовите се на некој начин зомби ликови, често за ликовите на Јелинек се кажува дека се „undead“, поточно дека се истовремено живи и мртви. Актерките одработија огромна задача додека ги баравме начините за да играат лик кој однапред ја знае својата приказна, лик на кој пред нас на сцена не му се случува ништо ново, ништо непознато, знаат како ќе умрат, ја знаат целата своја приказна.
На сцена исто така се создава постојана средба на минатото и сегашноста, како би можеле да создадат подобра иднина. Ликовите одново и одново се соочуваат со ѕидовите кои се пред нив, разбивајки ги или одбивајки се од нив, а низ тој процес комуницираат со вистината која ги надминува нивните индивидуални приказни кои преминуваат во универзални теми на идентитетот, моќта и слободите.
Претставата „Драми на принцезите“ ќе биде на редовниот репертоар на Драмски театар и прва наредна изведба е на 23 ноември во 20 часот.