Почнува 51-та меѓународна ликовна колонија „Куманово“, информираа денеска од НУ Музеј Куманово. На годинешнава колонија ќе учествуваат единаесет ликовни автори од Македонија, Србија, Романија и Бугарија.
– Колонијата започнува денеска, ќе заврши со свечено затворање и со изложба на создадената продукција на 11 август годинава. Уметниците во овој период ќе престојуваат и творат во комплексот етносело „Тимчевски“. Своето присуство од Македонија го потврдија: Вангел Коџоман, Филип Јовески, Вангел Крстиновски и Далибор Крстевски од Куманово. Од Србија уметниците Светозар Тасиќ, Ксенија Бариќ и Весна Петровиќ, од Романија Костин Британи и Александра Бациу и од Бугарија Дарина Дочева и Тома Тодоров. Уметниците, традиционално ќе работат сликарство, дела на платно во повеќе ликовни техники (масло, акрил, комбинирана.). За време на нивниот престој ќе ги посетат културно-историските споменици во Куманово и околината, изјави историчарот на уметност, Драгана Спасковска, кустос советник во музејот.
Ликовната колонија „Куманово“ е една од најстарите во државата, основана е во 1974 година, минатата година одбележа голем јубилеј-50 години постоење. Колонијата се одржува под покровителство на Министерството за култура и туризам и градоначалникот и Советот на Општина Куманово, а во комплетна организација на Уметничката галерија и Фондацијата за култура и спорт – Куманово.