Во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ беше отворена дводневната манифестација „Денови на македонската литература“ со предавање на професорката Виолета Пирузе-Тасевска на тема за македонскиот и српскиот книжевен романтизам.
Професорката во пензија Пирузе-Тасевска, која на оваа Катедра предаваше Нова српска литература, изјави дека предавањето е за панславизмот, како што рече, движечка сила во време на книжевниот романтизам – „идеја што произлегуваше од духот на народот и она што е важно за неговото постоење или за она што толку сакаме да го експлоатираме денес – идентитетот“.
Во контекст на самата манифестација во чиј фокус е македонската литература, Пирузе-Тасевска истакна дека „литературата е живот, таа е трајна, не може да згасне и секогаш го има величествениот од кон ѕвездите“.
-Таа го апсорбира сето она што е живот и како таква таа е моќна и силна. Данило Киш има кажано дека од епот за Гилгамеш наваму ништо ново не е речено во литературата и, ако тргнеме од тоа, можеби се менувале само стиловите, но основните вредности на литературата никогаш нема да згаснат. Пред сѐ, литературата е самиот живот и како што рекол и Достоевски – убавината ќе го спаси светот. Но и добрината и вистината, истакна проф. Пирузе-Тасевска.
Раководителот на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, проф. д-р Трајче Стамески, очекува успешна и интересна манифестацијата чиј концепт го замислиле, рече, како „една симбиоза на искуство и младост“.
-Затоа што вечер во 18 часот имаме настан од нашите студенти кои со денови и недели работеа со силен ентузијазам да интерпретираат текстови од македонската литература. Исто така, се вклучија студенти и од други катедри, како и ученици од училишта со намера да се постигне перформанс. Ќе има и музичка програма и настани од други уметности, рече Стамески, додавајќи дека традицијата со оваа манифестација ќе ја продолжат и в година со содржини прифатливи за пошироката јавност, а не само за академските кругови.
Деканот на Филолошкиот факултет на УКИМ, Владимир Мартиновски, пред отворањето на манифестацијата рече дека таа веќе добива традиционални размери во богатиот календар на јавни настани на факултетот.
-Оваа манифестација има огромно значење затоа што фокусот го става токму на македонската книжевност, на нејзиното значење во општествениот и во меѓународниот контекст. Особено се радувам што богатата програма, во најубава смисла на зборот, покажува дека во академската заедница секој може да даде придонес – ќе има богата програма на студентите во 18 часот за јубилеј поврзан со Петре М. Андреевски, но ќе бидат претставени и многу други македонски автори, рече Мартиновски.
Соопшти дека манифестацијата ќе има и меѓународна димензија со утрешното учество на двајца професори македонисти и специјалисти за македонската книжевност – проф. Жељко Милановиќ од Филозофскиот факултет во Нови Сад, кој ќе говори за тоа како се предава македонската книжевност на Универзитетот во Нови Сад, и проф. Намита Субиото од Филозофскиот факултет во Љубљана, која ќе се осврне на рецепцијата на расказот „Вампир“ од Петре М. Андревски во Словенија. (МИА)