Со музичкото драмско дело/рап-перформансот „Црнила ремикс“, вечер ќе биде отворена летната сцена „Славиша Кајевски“ на Македонскиот народен театар (МНТ). Режисер на ова современо читање на драмското дело „Црнила“ од Коле Чашуле, е Јордан Симонов кој заедно со Дарко Димитриевски и Павле Димковски од рап-колективот „Зад аголот” го поставија овој проект во современ.
Актерската екипа ја сочинуваат Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски – колектив „Зад аголот“.
Ова оригинално сценско дело има настапувано на повеќе домашни и меѓународни фестивали меѓу кои и на „Егзит“, а за најдобра употреба на музика ја доби наградата на меѓународниот театарски фестивал за џез „Нишвил“ во Србија. Претставата е во продукција на МКЦ.
Како што најавија од МНТ, во музичкиот дел од програмата, публиката ќе ја забавуваат „Игор Џамбазов и Гуру Харе Бенд“, „Пијан Славеј“, „The Ringtones“, „LD Pistolero и Dj Goce feat. R.O.Ν.Ι.Ν“, како и други популарни домашни диџеи. Исто така ќе настапи и Националниот џез-оркестар, со изведби на композициите од „Битлси“.
Покрај изведбите на нашите претстави „Мој термин“, „Кец на десетка“, „Не се клади на Енглези“, ќе гостуваат и претстави од другите театри од државата, како и стендапот „Широк дијафазон“ со Сашко Коцев.
Од МНТ најавија дека на 20 септември ќе се одигра комедијата „Вечера за глупаци“ во продукција на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес. Претставата е работена по текст на Франсис Вебер, во режија на Ненад Витанов, а играат Фаик Мефаилоски, Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Талија Настова, Јордан Витанов, Кире Ацевски и Сандра Танчева.
На 30 септември ќе се одигра и дипломската претстава од ФДУ – Скопје, „Сакатиот од Инишман“ од Мартин Мекдона, во која ќе играат Михаил Велков, Наде Дојкоска, Ана Грамосли, Кире Ацевски, Филип Христовски, Гоце Андонов, Ана Јовановска, Виктор Мирчески, Ведран Чешарек и Катерина Јовановиќ од класата на проф. м-р Мими Таневска Србиновска и асс. м-р Ангелчо Илиевски.