Неточни и неосновани се дел од медиумите натписи кои информираат за наводно укинување на попустот за студентите при купување билети за претставите во Македонската опера и балет, велат од институцијата.
-Остануваме целосно посветени на исполнување на обврските утврдени со Меморандумот за соработка, потпишан помеѓу Министерството за култура и Универзитетско студентско собрание (УСС УКИМ). Студентите имаат право на попуст од 50% на влезниците. При купувањето на билети, потребно е да се приложи индекс (во физичка или електронска форма) за идентификација, се вели во соопштението на Опера и балет.
Оттаму додаваат дека често вложуваат во едукација на младите, преку организирани училишни посети и поволности, со надеж дека ќе им помогнат да го разберат значењето на културата и за да ги мотивираат да продолжат да бидат нивни гости и во иднина.