Култура Министерство за култура и туризам

Многу лоша состојбата во Конзерваторскиот центар, неопходно обезбедување повеќе средства и вработувања, оцени Љутков

Тој информираше за дефицитот на стручен кадар, административни и помошно-технички лица во Установата, нагласувајќи дека Владата и Министерството за култура и туризам многу сериозно гледаат на овој проблем.

Многу лоша состојбата во Конзерваторскиот центар, неопходно обезбедување повеќе средства и вработувања, оцени Љутков

Многу е лоша состојбата во Националниот конзерваторски центар (НКЦ), и од кадровски и од технички аспект, поради што е неопходно итно обезбедување повеќе средства и нови вработувања, рече денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Љутков се сретна со в. д. директорката Ангелина Поповска и вработените. Откако разговараше за тековните проекти, беше констатирано дека нивната реализација не е почната делумно поради недоволно издвоените средства, а во голем дел поради неажурноста на претходното раководство.

-НКЦ има надлежност во областа на заштитата на недвижното културно наследство на територијата на 32 општини во државава и неопходна е сериозна поддршка и внимание, што во изминатиот период евидентно отсуствувало, како и во сите други установи. Од 2025 година е подобро да се фокусираме на одредени проекти што ќе бидат затворени од прва до последна фаза. На тој начин се надевам дека ќе реализираме голем број проекти, рече Љутков.

Тој информираше за дефицитот на стручен кадар, административни и помошно-технички лица во Установата, нагласувајќи дека Владата и Министерството за култура и туризам многу сериозно гледаат на овој проблем.

На средбата стана збор за повеќе теми, меѓу кои и дека следната година ќе се доделат средства што ќе бидат доволно за да се финализира проектот за конзервација и реставрација – препокривање на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс Матејче. Стана збор и за другите проекти, меѓу кои и проектот за реставрација, санација и ревитализација на конакот во Лешочкиот манастир „Св. Атанасие“ (шеста фаза), за кој овој месец се очекува финално завршување на предвидените позиции во согласност со договорените обврски. Стручните екипи на НКЦ го изработија и конзерваторскиот проект за конзервација и реставрација на 20-те икони илегално изнесени во Албанија и вратени кај нас дома, кој е испратен во УЗКН со цел  формирање комисија.

Министерот Љутков ја посети и Конзерваторската лабораторија при НКЦ, каде што се реализира проектот за конзервација и реставрација на 122 ликовни дела (слики, цртежи и акварели) од Спомен-куќата на Лазар Личеноски. Досега се реализирани првите две фази со вкупно 27 реставрирани дела, а при посетата беше најавено дека во наредниот период ќе бидат опремени и осовременети конзерваторските лаборатории со воведување современи стандарди. При посетата на НКЦ, министерот Љутков се запозна и со релативно лошата состојба во која се наоѓа зградата на НУ НКЦ – Скопје, за што најави дека следната година ќе бидат издвоени средства за надминување на ваквите затекнати состојби со објектот на НКЦ.  (МИА)

 

To top