Фотографии, скулптури, композиции, поеми и интервенции на пронајдени предмети се дел од изложбата што од утре ќе се одржува во Изложбениот салон на Центарот за култура во Охрид, во рамки на групната изложба/уметничка резиденција организирана преку проектот „Проспер“.
Осуммина уметници од странство и од земјава овој месец престојуваа во Охрид како дел од проектот, при што се сплотија со околината и остварија интеракција со природата и со урбаното опкружување околу езерото. Нивната мисија во Охрид беше да ги истражат и да креираат врски меѓу еколошки ранливите региони, по пат на серија транснационални интеркултурни средби и соработк.
Идејата на резиденцијата беше да се инспирираат уметниците да пронајдат врски помеѓу нивната авторска практика и кревката околина на Охридското Езеро и неговите жители.
На изложбата може да се видат делата на Јара Асмар, Клаудио Беоркија, Јулија Ехлер, Кафар Рзаев, како и перформативно поетско читање на Ката Ѓорфи.
Дел од програмата предвидува случувања и на самото езеро и во неговата околина.
Муралите на Марија Видовиќ може да се видат на повеќе локации во Охрид, а медитативното звучно доживување на вода „The New Liquidity“ на Андерс Ехлин и на Селма Бошкаило ќе се случува на Охридското Езеро.
Проектот „Проспер“ што го кореализираат пет организации од Македонија, Србија, Грција и Германија е кофинансиран од програмата Креативна Европа на ЕУ, како и од Министерството за култура.