Култура Агенција за филм

„Мајка“ на Теона Стругар Митевска ќе ја отвори програмата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал

Селекцијата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал, која годинава ќе биде отворена со македонскиот филм „Мајка“, е наменета за филмови што внесуваат нови естетски и изразни правци во современата кинематографија. Особено се вреднуваат дела со иновативен пристап во раскажувањето, визуелниот стил и филмскиот јазик, наведува Агенцијата за филм.

„Мајка“ на Теона Стругар Митевска ќе ја отвори програмата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал

Филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска ќе ја отвори програмата „Хоризонти“ на годинашниот Филмски фестивал во Венеција и ќе се натпреварува за награди во повеќе категории, меѓу кои – режија, сценарио, најдобар филм, актерски остварувања.

-Теона Стругар Митевска третпат се претставува со свој филм во официјална програма на фестивалот во Венеција, по „Најсреќниот човек на светот“ (селекција Хоризонти, 2022) и експерименталниот „Дваесет и еден ден до крајот на светот“ (селекција Авторски денови, 2023), соопшти Агенцијата за филм.

Новиот филм на режисерката е инспириран од животот на Мајка Тереза, „особено од нејзината внатрешна борба да ја оствари својата визија и хумана мисија“.

Продуцентката на филмот Лабина Митевска изјавува дека идејата за филмот почнала да се развива пред повеќе од десет години, за време на подготовките и снимањето на документарниот филм „Тереза и јас“, проект финансиран од Македонската радио-телевизија.

-Делото што го остави зад себе оваа жена, како и нејзината духовна енергија што сè уште се чувствува во Калкута, длабоко ја допре Теона и ја разбуди нејзината авторска потреба за ново филмско истражување. Оттаму започна нејзината соработка со еден од најистакнатите македонски писатели, Гоце Смилевски, кој по години посветено истражување и пишување го создаде сценариото за филмот „Мајка“, вели продуцентката Митевска.

Шведската актерка Номи Рапас („Девојката со тетоважа на змеј“, 2011) е во улогата на Мајка Тереза, актерот Никола Ристановски ја толкува улогата на отец Фредерик, а Силвија Фокс е во улогата на сестра Агнешка.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Босна и Херцеговина и Данска. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови, Филмскиот фонд од Сараево и Индиската канцеларија за повраток на данок.

Директор на фотографија е Виржини Сен Мартан од Белгија, долгогодишен соработник на Митевска. Сценографијата е на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ.

-Селекцијата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал, која годинава ќе биде отворена со македонскиот филм „Мајка“, е наменета за филмови што внесуваат нови естетски и изразни правци во современата кинематографија. Особено се вреднуваат дела со иновативен пристап во раскажувањето, визуелниот стил и филмскиот јазик, наведува Агенцијата за филм.

По повод новото претставување на македонската кинематографија на еден од најпрестижните филмски фестивали во светот, Агенцијата најави ексклузивни информации на прес-конференција со „Сестри и брат Митевски продукција“ в петок, 25 јули, во Спомен-куќата на Мајка Тереза. Ќе говорат директорот на Агенцијата за филм, режисерката Теона Стругар Митевска, продуцентката Лабина Мативска и членовите на филмската екипа.

To top