Култура

Љутков на министерски состанок: Платформите на ЕУ за Западен Балкан за образование, иновации и култура се силна алатка за меѓусебна соработка

Љутков на министерски состанок: Платформите на ЕУ за Западен Балкан за образование, иновации и култура се силна алатка за меѓусебна соработка

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска се обрати на Вториот министерски состанок на управувачките платформи на Западен Балкан за образование и обука, истражување и иновации и култура.

На состанокот, на кој покрај министерот Љутков учествуваа и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и министерот за култура и иновации, Балаш Ханко, од унгарското претседателство со Советот на Европската Унија, беше истакната важноста на Управувачката платформа како ресорска оперативна алатка за спроведување на стратешката рамка од агендата за Западен Балкан на ЕУ, како значајна поддршка за евроинтегративните процеси на земјите во регионот.

Министерот Љутков во своето обраќање ги потенцираше важноста и придобивките од Управувачката платформа за соработка на земјите од Западен Балкан во виталните општествени области: науката, истражувањето и иновациите, образованието и културата.

„Како претставници на културниот сектор, веруваме дека овој механизам ќе овозможи поефикасна соработка со Европската комисија на оперативно ниво, во рамките на спроведувањето на заедничката регионална, но и европска агенда“, рече Љутков. Ова е уште една потврда, додаде тој, за сè поголемото значење на културните и креативните сектори во евроинтегративните процеси во регионот на Западен Балкан, кои несомнено ќе придонесат за развој на националните политики, регионалната соработка и актуелните културни политики на ЕУ.

Според Љутков, Платформата ќе овозможи вклучување на сите чинители во културата, придонесувајќи за надградување, синхронизирање и профилирање на приоритетите на земјите од Западен Балкан и јакнење на меѓусебната партнерска соработка.

To top