Македонските пијанисти проф. д-р Ангеле Михајловски и проф. д-р Татјана Џорлева денеска во Младинскиот културен центар во Истанбул ќе одржат концерт. Пред истанбулската публика тие ќе понудат разновиден избор на класични композиции, а на програмата се дела од Григ, Јанкоски, Сен-Санс, Леон и Коларовски.
Џорлева е пијанистка која дипломирала пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Стела Слејанска – Стојаноска. Магистерските студии по пијано ги завршува со највисок просек на истиот Факултетот. По магистрирањето, го продолжува усовршувањето на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што ја завршува докторската дисертација по пијано интерпретација под менторство на проф. Стела Слејанска – Стојаноска, a научно-истражувачката дејност на докторатот ја работи кај проф. Димитрије Бужаровски. Добитник е на бројни награди и признанија меѓу кои се издвојуваат неколку први награди на републичко ниво и втора награда на Интернационалниот музички натпревар “Интерфест” во Битола. Како солист реализира бројни концертни настапи, како во земјата, така и на европската сцена. Работи како професор по пијано, камерна музика и методика на наставата по пијано на Факултетот за музичка уметност во Штип. Има изготвено повеќе рецензирани скрипти по методика на наставата по пијано за потребите на студентите, а во тек е изданието на нејзината книга „Пијанизмот во делото Дваесет погледи кон детето Исус” од Оливие Месиан.
Михајловски е роден 1982 година во Охрид, каде го завршува основното музичко училиште. Средното музичко образование го продолжува во Штип во класата на проф. Јасминка Бикова. Студиите ги продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Стела Слејанска, период во кој се стекнува со огромно пијанистичко искуство, земајќи учество на повеќе државни и меѓународни натпревари каде освојува вредни награди. Веднаш по дипломирањето се вработува во Средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип како професор по пијано и корепетиција. Во тој период, под менторство на проф. Слејанска ги запишува магистерските студии кои успешно ги завршува во 2010 година. За време на студиите бележи бројни солистички, камерни концерти во Македонија, но и во други држави како Србија, Бугарија, Чешка, Франција, САД итн. Од 2010 година е член на музичкиот состав „Портал“ со кој успешно реализираат повеќе проекти и концерти. Од 2007 година е вработен на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде работи како професор по пијано. Во 2015 година ги запишува докторските студии по пијано во класата на проф. д-р Ана Гацева, на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. За време на подготовката на изведувачкиот дел, реализира повеќе концерти во земјата и странство. Во 2019 година ја одбранил докторската дисертација со наслов „Пијанизмот во три избрани сонати од композитори на 20 век“ под менторство на проф. д-р Викторија Коларовска – Гмирја. Денес е редовен професор по пијано на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.