Синоќа во Белград со копродукциската претстава „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ се отвори седмиот театарски фестивал РУТА во организација на Београдско драмско позориште што ќе трае до 6 декември.
На свеченото отворање Душан Ковачевиќ, член на бордот на Регионалната унија на театри во обраќањето до публиката го истакна задоволството што ги споделува со претставниците на сите ансамбли членки на РУТА и се заблагодари за искреноста, посветеноста и вложениот труд, нешто што тргна како идеја за соработка на театарските уметници од регионот, за само неколку години да прерасне во етаблиран регионален фестивал.
Ковачевиќ додаде дека: „Резултат на таа искрена желба и многу труд е првата голема продукција на четирите театарски куќи од регионот кои ја реализираа претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ од авторот Душан Јовановиќ во режија на Иван Пеновиќ.
Станува збор за копродукција на Драмски театар (Скопје), Београдско драмско позориште (Белград), Местно гледалишче љубљанско (Љубљана) и продукцијата на Град театар (Будва).
Изборот на текстот за оваа прва голема копродукција е направен со цел уметниците од регионот да ја обележат петтата годишнина од смртта на истакнатиот регионален драмски автор Душан Јовановиќ. Режисер на претставата е Иван Пеновиќ, а улогите ги толкуваат: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.
Премиерата на копродукциската претстава „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ се играше во Црна Гора на 39. фестивал Град театар, Будва, потоа претставата се играше на фестивалот Охридско лето и на македонскиот фестивал РУТА во Драмски театар во октомври.
Ансамблот на Драмски театар како членка на Регионална унија на театри (РУТА) учествува со три претстави на годинашната РУТА во Београдско драмско позориште.
Освен со учество во копродукцијата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ публиката во Белград утре на 3 декември ќе може да проследи уште две претставаи од продукцијата на Драмски и тоа најновата хит-комедија „Куршуми над Бродвеј“ од 19:30 часот и претходно од 18:00 часот монодрамата „Кармен“.
Претставата „Куршуми над Бродвеј“ е работена по текст на Вуди Ален и Даглас Мекграт. Режијата и драматизација се на Ненад Витанов, сценографијата на Валентин Светозарев. Костимите се изработени по креација на костимографката Елена Вангеловска. Сценските движења на актерите ги подготви Маја Каревски. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер е Жаклина Цветковска. Улогите на ликовите во претставата „Куршуми над Бродвеј“ ги играат актерите: Игор Стојчевски, Јована Спасиќ, Сашо Тасевски, Јелена Жугиќ, Александра Павлова-Бубања, Роберт Вељановски, Александар Степанулески, Предраг Павловски, Калина Наумовска, Златко Митрески, Дениз Абдула, Ања Митиќ, Игор Георгиев, Мартин Мазнев и Енис Билаловиќ.
Годинашниов, седми по ред, театарски фестивал во организација на Београдско драмско позориште носи и значајни новини што ја збогатуваат фестивалската програма. Освен главната програма на која театрите од регионот гостуваат со претстава од поновата продукција, се воведе и специјалната програма „МоноРУТА“ посветена на претставите работени во формат на монодрама. За првпат на фестивалот се организираат и серија едукативни „мастер-класови“ што ќе ги водат реномирани театарски уметници од регионот: Борис Лијешевиќ (режија), Душко Љутина (продукција) и Озрен Грабариќ (глума)
На малата сцена „Предраг Пепи Лаковиќ“ од денеска, па во наредните четири дена од 18:00 часот ќе се играат монодрамите од внимателно селектираната програма „МоноРУТА“.
Утре на 3 декември Билјана Драгиќевиќ-Пројковска ја игра монодрамата „Кармен“. Претставата во режија на Дејан Пројковски е работена по романот на шпанскиот писател Мигел Делибес. Текстот на Делибес е објавен во 1966 година и се наоѓа на листата „Сто најдобри романи на дваесеттиот век“. Тој го носи духот на социјалниот реализам што бил значаен литературен жанр во средината на минатиот век во Шпанија. Претставата „Кармен“ во продукција на Драмски театар ја имаше својата премиера во 2021 година и досега е изведена 46 пати. Со оваа монодрама во изведба на актерката Билјана Драгиќевиќ-Пројковска продукцијата на Драмски театар има забележителни успеси на фестивалите во повеќе земји. Освен во земјите од регионот (Хрватска, Словенија, Србија, Албанија, Бугарија), претставата била изведена на еминентни фестивали во Молдавија, Грузија и Турција каде што имала одличен прием кај публиката и стручното жири.
Во програма „МоноРУТА“ на регионалниот театарски фестивал ќе се играат уште три претстави. Претставикот на Србија е монодрамата „Милунка“ посветена на српската хероина Милунка Савиќ во изведба на актерката Весна Станковиќ. Од Црна Гора гостува актерката Марта Ќераниќ со претставата „Вирџина“ работена по текст на Душан Јанковиќ.
Во петок новата фестивалска програма „МоноРУТА“ ја заокружува Борис Остан, актер на Местно гледалишче љубљанско со изведбата на монодрамата „Смртно сериозно“ по текст на шведскиот автор Никлас Радстром.
Во рамките на фестивалот, публиката ќе може и оваа година по проследувањето на претставите да земе учество на традиционалните тркалезни маси наменети за разговори на публиката и уметниците од ансамблите на регионот.
Наредниот регионален театарски фестивал РУТА ќе се одржи во Љубљана на почетокот на февруари 2026 година.