НУ Драмски театар, Скопје (ДТС), денес на 27 април, денот на роденденот на драмскиот автор Горан Стефановски, ја востанови наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30-годишна возраст кој ќе се избира по пат на јавен конкурс.
-Преку овој чин се оддава почит и се чува споменот за Горан Стефановски и неговата улога во развојот на македонската драматургија и театар, и воедно се проширува заложбата на ДТС за афирмација на македонските млади автори и македонското драмско писмо, велат од театарот.
Стефановски како млад драмски автор со драмските дела „Јане Задрогаз“ и „Диво месо“ во соработка со ДТС постигна успеси за паметење. За временската рамка во која ќе се одвива конкурсот и пропозициите од истиот, јавноста ќе биде дополнително информирана.
ДТС ќе партиципира и во Фондацијата „Горан Стефановски“ основана со одлука на УКИМ под иницијатива на Факултетот за драмски уметности. И ќе земе активно учество во реализацијата на програмските активности на истата.