Во Националната опера и балет денеска ќе биде изведена детската интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ наменета за најмладата публика од шест до 11 години. Идејата, сценариото, режијата, костимографијата и сценографијата се на Десанка Глигоријевиќ. Претставата е од хуманитарен карактер.
Собраните средства од продадените билети ќе бидат наменети за лекување на младиот Леонид Индов, кој во несреќен случај во Грција се здоби со тешки повреди, по што беше опериран и му претстои долготрајно и скапо лекување.
„Операта на шумските животни“ е интерактивна музичко – драмска претстава која има за цел да ја запознае и едуцира најмладата публика со оперската уметност.
-Сценариото изобилува со многу комични моменти, кои се случуваат додека шумските животни се обидуваат да создадат оперска претстава. Музичкиот дел е исполнет со адаптирани популарни арии од оперите: Кармен, Палјачи, Аида, Травијата, Рита и други, како и инструментални композиции кои се со адаптиран текст во својство на сценариото, соопштија од НОБ.
Улогите ги толкуваат Билјана Камчева, Марика Поповиќ, Јане Дунимаглоски и Невен Силјановски. (МИА)