Регионалното претставување на музичкиот проект „Балканско патување“ на гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска започнува вечерва, со концерт што со почеток во 18.30 часот ќе биде одржан во галеријата на Културно-информативниот центар на РСМ во Софија, Република Бугарија.
На концертот настапуваат: Пламенка Трајковска – виолина, Милена Гиевска-Андоновска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска на виолончело. Аранжманите се на Пламенка Трајковска. Концертот е со поддршка на Министерството за култура на Македонија.
„Балканско патување“ е музичко-истражувачки проект, во кој се откриваат заедничките музички корени на балканските простори, богатата балканска музичка ризница и одделните мелодиски и ритмички елементи, кои се блиски на регионот, а за кои одделните народи сметаат дека се автентично нивни. Токму заедничките елементи се користени како основа за создавање на нови композиции со гудачки квартет.
Според Пламенка Трајковска, авторка на овој, по многу нешта, единствен музички проект, во новите композиции струјат неколку доминанти елементи како: влијанијата на класичната музика и сосема класичниот инструментариум на гудачкиот квартет, заедничките мелодиски и ритмички линии од сите региони на Балканот, како и аранжмански пристап кој има за цел да ги отслика музичките прелевања од регион во регион. Сите се вткаени во нови музички слики со гудачки квартет и балканска музика, кои имаат само еден наслов: Балканска композиција“.
Концертот „Балканско патување“ е покана и предизвик за слушателот преку интерпретација на балканските музички слики со гудачки квартет да се нурне во музичката ризница наречена Балканска музика за и преку неа да ја доживее историјата, културата и емоцијата на балканските народи.