Веќе е познато дека легендарниот германски тренер Јирген Клоп на крајот од сезоната го напушта Ливерпул, поточно му останува само уште еден натпревар за клубот од „Енфилд“.
Како што самиот изјави, по Премиер лигата сака добро да се одмори, па дури потоа ќе размислува каде ќе ја продолжи кариерата. Во интервју за медиумите од Островот, Клоп меѓу другото зборуваше и за причините за одлуката за подолг одмор.
-Ја сакам мојата работа и она што го работам, сепак, таа е супер интензивна и нема место за ништо друго. Не бев тренер кој планира тренинг, оди дома, се тушира. Особено не овде. За месец полнам 57 и сакам да се одморам и да сфатам што навистина значи одмор за мене. Се разбира, мојата работа не може да се спореди со еден лекар, хирург. Тие оперираат, луѓето се во нивни раце, но има тренерски аспекти кои ќе ми недостигаат, изјави менаџерот на Ливерпул.
Клоп се осврна и на дружењето со пријателите, односно на тоа дека во слободното време можеби ќе му недостига да зборува малку повеќе за фудбалот.
-Освен мојата сопруга Ула, средбите на сите со мене во голема мера завршуваат со разговор за фудбалот. За луѓето се чувствувам како Гугл. Постојано ме прашуваат зошто направив нешто, како го направив и што ќе се случеше ако го направев поинаку, истакна Германецот.
Клоп објасни и како е да се дружиш со пријателите додека работи.
-Моите пријатели доаѓаат и го гледаат натпреварот. За нив тоа е задоволство и релаксација, за мене е уште еден работен ден, откри тој пред новинарите.