Денеска (14.09.2024) околу 04:40 часот од страна на полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при граничната полиција на наплатната рампа Романовце во два одвоени случаи откриено е вршење на превоз на патници без поседување соодветна лиценца.
Во двата случаи сопрени се две патнички моторни возила (комби) „фолксфаген крафтер“ со струмички регистарски ознаки, првото сопственост на Р.Р. од Струмица, а управувано од страна на П.Љ. од Струмица, а второто сопственост на Р.Ј. од Струмица, а управувано од страна на Ч.Ѓ. од Струмица.
Притоа, од извршените контроли на возилата утврдено е дека истите вршеле превоз на патници без лиценца од нашата држава до Италија, по што од страна на Мобилната единица за компензаторни мерки известен е Државниот инспекторат за транспорт, од чија страна на возачите им е изречена глоба во износ од по 500 евра, сообраќајните дозволи им се привремено одземени, а возилата биле исклучени од сообраќај.