На 14.02.2024 на подрачје на Гази Баба во Скопје, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Единица за недозволена трговија со дрога и полициски службеници од Единицата за недозвoлена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода В.К.(34) од Скопје. Имено, по преземени мерки и активности и обезбедени докази, било дојдено до сознание дека лицето врши продажба на дрога, а вчера, при преглед во возилото кое го управувал, бил пронајден и одземен хероин, соопштија од МВР.
Во врска со настанот, а со цел обезбедување дополнителни докази, врз основа на судска наредба бил извршени претреси на три локации во Скопје. При еден од претресите, исто така, на подрачјето на Гази Баба, полициските службеници затекнале две женски лица кои одбиле да се легитимираат. Една од нив со патничко возило „сеат леон“ со скопски регистарски ознаки го напуштила местото и притоа со возилото удрила еден од полициските службеници. По преземени мерки било констатирано дека се работи за лицето А.Ј.(26) од с.Орланци, општина Арачиново, која набргу била пронајдена и лишена од слобода, се вели во соопштението на МВР.
По целосно документирање на случајот, во координација со ОЈО ќе бидат поднесени соодветни пријави по чл. 215 и 383 од КЗ, додаваат од МВР.