Надлежен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во текот на вчерашниот ден, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против еден полициски службеник. На осомничениот му се става на товар дека сторил кривично дело „Обљуба со злоупотреба на положбата“ по член 189 став 1 од Кривичниот законик.
Постои основано сомнение дека осомничениот – униформиран полициски службеник од ПС Бит Пазар, на 31.07.2024 година во 22:30 часот на бул.Крсте Мисирков во Скопје, пред хотел „Дајмонд“, со злоупотреба на својата положба ја навел оштетената која во моментот била во однос на подреденост да изврши друго полово дејство на тој начин го понижил нејзиното човеково достоинство и човековата личност.
Осомничениот, постапувајќи по наредба за вршење на дејност на сообраќајни прекршоци од Законот за безбеност на сообраќајот на патиштата, со светлосен знак ја запрел оштетената која управувала ПМВ марка „Митсибуши Колт“ и при проверката на документацијата утврдил дека оштетената го управува возилото без возачка дозвола. Наместо да изготви и да ѝ врачи прекршочен платен налог, тој преку отворена возачка врата на возилото каде седела оштетената и ги фатил рацете и со главата и горниот дел од телото влегол внатре во возилото и ѝ ја повлекол маицата па почнал да ја бакнува по градите, вратот и лицето. Потоа напуштајќи го возилото ѝ рекол „Сега ќе те пуштам. Јас морам да пипнам, морам да видам“ и со трескање ја затворил вратата од возилото на оштетената ѝ одобрил да си замине. Оштетената го ставила возилото во движење и го пријавила настанот, по што во координација со јавен обвинител беа преземени предистражни дејствија за расветлување на случајот. Врз основа на земени примероци за ДНК и извршено препознавање беше утврден идентитетот на полицискиот службеник и против него е поднесена кривичната пријава.
Ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци ќе ја попречи истрагата, предметниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје предложи на осомничениот да му се определи мерката притвор.
Судијата на претходна постапка не го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост – привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница и забрана за издавање нова, за што обвинителството како незадоволно од ваквата одлука ќе поднесе жалба, особено имајќи предвид дека запретената казна за кривичното дело за кое се товари осомничениот е најмалку пет години затвор.