Хроника јавно обвинителство

Насилство во Куманово, осомничени две лица

Насилство во Куманово, осомничени две лица

Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека заеднички извршиле кривично дело – Насилство од член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

На 18 јануари, по 1 часот по полноќ, осомничените агресивно и насилнички се обиделе да влезат во гостилница која веќе била затворена, со намера и по крајот на работното време таму да консумираат алкохол. Сопственикот не им дозволил, по што тие продолжиле со особено агресивни дејствија во дворот на угостителскиот објект, па физички го нападнале сопственикот и му задале повеќе удари по главата и телото. Го собориле на земја и му нанеле тешки телесни повреди – скршеница на десната рака и повреда на увото. Со ваквите насилнички дејствија осомничените предизвикале чувство на несигурност и страв кај уште неколку лица кои во моментот се затекнале во близина на објектот.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Судот го прифати предлогот и им определи притвор во траење од по 30 дена.

To top