Во карбинското село Оџалија настрадало едно лице во пожар на штала, информираат денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во соопштението од ЦУК се наведува дека по добиената информација за пожар, на Единствениот повикувачки број 112 во ЦУК за запалена штала, околу пладне, и интервенцијата на пожарникарите е добиено известување дека едно лице настрадало при тој пожар во село Оџалија во Општина Карбинци.
-Настраданиот бил пронајден внатре во шталата, каде што најверојатно се задушил од чадот прво, а потоа и изгорел во пожарот до степен на непрепознатливост на идентитет и возраст. На терен биле излезени пожарникарите на Територијалната противпожарна едница (ТППЕ) Штип и припадници на МВР од СВР Штип, од коишто веста е потврдена за ЦУК, а истрагата е во тек, се вели во соопштението на ЦУК.
Од ЦУК посочуваат во тек е увидот за причините на настанатиот пожар од страна на истражните органи.
Инаку, од почетокот на ова деноноќие ова е трето лице настрадано кога има пожар. ЦУК рано утрово извести дека пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од ТППЕ Ранковце пронашле настрадано повозрасно лице при гаснењето на пожар на отворено сношти при интервенција од 20.30 до 00.10 часот во атарот на село Псача. Потоа, имаше второ известување за настрадано лице при услови на пожар кога пожарникарите од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Македонска Каменица денеска во периодот од 07.20 часот до 10.35 часот интервенирале на пожар на запалена куќа во с. Косевица, во месноста „Реката”. Центарот за управување со кризи апелира да не се пали вегетација на отворено, превентивно да се внимава на причини за пожар по, куќи, станови и објекти и при евентуална појава на пожар што побрзо да се пријавува на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, како и другите итни случаи особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.
Истовремено, покрај постојаните апели од ЦУК, потребно и корисно е да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.