Единицата за корупција во Секторот за криминалистички истраги при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција на 05.07.2024 до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против: Д.Д.(55), М.Г.(32), М.М.(64), К.В. (58) и А.Д.(29), сите од Скопје, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, како и З.И.(60) и Б.Б.(51), двајцата од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“, соопштија од министерството за внатрешни работи.
Пријавениот Д.Д., управител на две правни лица од Скопје во јули 2019, пречекорувајќи ги своите овластувања и неизвршувајќи ја својата службена должност, иако знаел дека во 2013 година добил судска пресуда за побарувања од ЈП за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на РСМ, за да ги наплати побарувањата, склучил договор за закуп на дел од спортско-рекреативен центар, спротивно на Законот за спорт, иако знаел дека неговото правно лице нема регистрирано дејност од област на спортот и нема решение за вршење на таква дејност од Агенцијата за млади и спорт. Второпријавениот М.Г., управител на правно лице од Скопје, во содејство и по насоки на Д.Д., а спротивно на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, за споменатиот простор склучил договор за закуп, за месечна закупнина во вкупен износ од 9.419.586 денари со вклучен ДДВ за целиот период на закупот, а за наплата на закупнината од страна на тогашниот директор на јавното претпријатие на правното лице му била доставена фактура за наведениот износ, истакнаа од МВР.
Во договор со тогашниот директор на јавното претпријатие, Д.Д. и М.Г. фактурата ја искористиле за склучување на договор за цесија, со кој закупецот наместо да му плати на јавното претпријатие како закуподавач, требало да биде регулиран долгот кој ЈП ги имал кон правното лице по основ на донесената пресуда. Исто така, Д.Д. со иста цел во 2020 склучил договор за деловна соработка со лице од Истанбул, Р.Турција, иако знаел и бил свесен дека склучува договор со тогашниот директор на ЈП за реализација на деловните активности кои произлегуваат од реализација на договорот за закуп на истиот дел од спортско рекреативниот центар склучен помеѓу правното лице од Скопје, чиј управител е М.Г. и јавното претпријатие, кој е даден во подзакуп на правно лице чиј управител е Д.Д., без склучен писмен договор, со што овозможиле корист преку која трите лица требало да остваруваат добивка со правото на користење на простор кој бил за спортска дејност, а на штета на јавниот интерес за спорт, потенцираат од МВР.
Пријавениот М.М., управител на правно лице од Скопје, со пречекорување на границите на своите службени овластувања, во 2004 година склучил договор за закуп со предметното јавно претпријатие за закуп на Олимписки базен во Скопје за период од 15 години, односно до 2019 година, а во периодот што следел иако немал правен основ и без склучен нов договор за закуп, како и без добиено решение за вршење на дејност спорт од надлежната Агенција, постапил спротивно од Законот за спортот, според кој објектите за спорт не смеат да се пренаменуваат и да се користат за друга дејност освен за дејноста спорт, и за дел од тој објект склучил договор за подзакуп со две правни лица, едното од Скопје, другото од тетовско Теарце. Пријавениот К.В., управител на правно лице од Скопје и пријавената А.Д., генерален секретар на правно лице – асоцијација, со пречекорување на границите на своите службени овластувања склучиле договори за закуп со споменатото јавно претпријатие на делови од објектот на спортско-рекреативниот центар, без правните лица да имаат регистрирано дејност од областа на спортот и без добиено Решение за вршење на дејност спорт од надлежната Агенција, со што постапиле спротивно на Законот за спортот. Пријавените З.И. и Б.Б., поранешни директори на јавното претпријатие, со пропуштање на должен надзор, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности и не повеле постапка за раскинување на претходно склучените договори за закуп со правните лица, како и постапка за ослободување и напуштање на просторот во Олимписки базен Скопје од страна на правното лице – закупец, предизвикувајќи штета на ЈП, со што дошло до нарушување на неговото работење, велат од МВР.
Штетата на сметка на ЈП за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на РСМ, односно Буџетот на РСМ која во континуитет била нанесувана од 2004 до денес, ќе биде дополнително утврдена со вештачење кое ќе се изврши по наредба од ОЈО Скопје, додаваат од министерството за внатрешни работи.