Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка поради основано сомнение за едно лице дека сторило кривично дело – Неовластено изработување, држење и тргување со оружје или експлозивни материи, согласно член 396 став 5 во врска со став 3 од Кривичниот законик.
Осомничениот 30-годишен гостиварец, на 6 ноември управувал автомобил „Мерцедес – А класа“ по магистралниот пат А2, во правец Маврово-Гостивар. Кај асфалтната база – каменолом „Јефута“ полициски службеници му дале знак да застане заради контрола и преглед на возилото. Но, тој не ја почитувал дадената наредба и со голема брзина се упатил кон Гостивар. Полицајците се впуштиле во потера и го следеле со службени возила и во близина на Здуњски мост забележале дека преку прозорот на автомобилот фрлил автоматска пушка.
Осомничениот подоцна бил запрен и приведен, а била пронајдена и автоматската пушка со вграден бајонет, чие поседување за граѓаните е целосно забрането, како и рамка со два куршуми со калибар 7,62 милиметри.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај постои опасност осомничениот да се даде во бегство или да се обиде да влијае врз сведоците, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор.