Денес, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со шведскиот амбасадор во Македонија, Н.Е. Ола Сулстром, го посетија ООУ „Св. Климент Охридски“ во Драчево. Посетата се реализира како продолжение на активностите од неодамна потпишаниот трипартитен меморандум за имплементација на проектот „Star for Life“, чија главна цел е превенција на булингот и врсничкото насилство.
На средбата присуствуваа и директорката на училиштето, Елена Симоновска, донаторите на проектот Антонијо Трпевски и Пирко Трпевски, претставниците од тимовите на „Star for Life“ и „Motivation Lift“, како и од Обединетата Македонска Дијаспора. Присуството на шведскиот амбасадор и останатите гости, имаше за цел директно запознавање со училишниот колектив и капацитетите на установата, како и реафирмирање на заедничката посветеност кон успешна реализација на проектот.

Оваа посета претставува значаен чекор во продлабочувањето на соработката и е недвосмислена потврда на меѓународната поддршка за градење поздрава училишна средина. Истовремено, меѓународните тимови кои неделава престојуваат во Скопје, ги започнуваат процесите за формирање и обука на македонскиот тим кој директно ќе работи со наставниците и учениците од четврто, петто и шесто одделение на препознавање и спречување на ризични ситуации.
-Присуството на шведскиот амбасадор, Н.Е. Ола Сулстром, донаторите на проектот Антонијо Трпевски и Пирко Трпевски, претставниците од тимовите на „Star for Life“ и „Motivation Lift“, како и од Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), во нашето училиште е извонредно значаен настан за Општина Кисела Вода. Оваа посета ја потврдува сериозноста и посветеноста со која пристапуваме кон искоренувањето на врсничкото насилство. Нашата визија за модерно образование подразбира паралелно вложување. Затоа, покрај воведувањето светски програми за превенција, од наша страна во тек е и изградба на целосно нов објект за ова училиште. Искуството што ни го пренесуваат нашите шведски пријатели е клучно за нашата стратешка цел: здрави генерации кои ќе растат во средина на меѓусебна почит, безбедност и толеранција, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.