Илјадници цивили кои бегаа од клучниот судански град Ал Фашир, откако падна во рацете на паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) станаа мети на групата во околните „полиња на смртта“, откако воената елита си обезбеди безбедно бегство. Заедничката истрага на медиумите Скај њуз, Судан њуз монитор и Лајтхаус репортс ја открива бруталната судбина на цивилите и војниците кои избегаа од градот, во часовите откако високите команданти на војската ја напуштија пешадиската дивизија.
Повеќе од 60.000 исчезнати
Повеќе од 60.000 луѓе сè уште се водат како исчезнати, а хуманитарните организации стравуваат дека преостанатите 200.000 жители на Ал Фашир се заложници на РСФ. Според Меѓународната организација за миграција (ИОМ), околу 70.000 луѓе избегале од Ал Фашир откако градот беше освоен од паравојската на 26 октомври, но помалку од 10.000 од нив се снимени во најблиските безбедни зони за раселенит лица. Во потрага по исчезнатите, истражувачкиот тим анализираше десетици видеа по толпите цивили кои го напуштаат градот.
Едно видео прикажува група мажи, жени и деца. Подоцна, во друго видео, двајца мажи од таа група биле прикажани меѓу затворениците под вооружена стража на РСФ. Видеото, исто така, ги прикажува жените како слободно одат, што сугерира дека мажите биле раздвоени. Во трето видео, маж со црвен турбан стои во ред со други мажи кои се принудени да бегаат додека ги бркаат и ги тепаат борците на РСФ.
Извор од теренот изјави дека таа група броела околу 2.000 затвореници, а само 200 од нив успеале да стигнат до најблиското засолниште во Тавила, оддалечено околу 70 километри. Едно од видеата беше геолоцирано на околу 5 километри од блискиот град Гернеи, каде што стотици луѓе беа притворени во училишни згради.
„Пред мене убија 18 луѓе“
Семејствата на лекарите притворени во Гернеи за Скај њуз изјавија дека РСФ барале откуп за нивно ослободување. Еден човек по име Абделхамид, кој го преживеал заробеништвото со својата сопруга, рекол дека бил притворен со 300 до 400 семејства откако биле ограбени на пат од Ал Фашир.
– Стигнавме во училиштето и нè фатија. Потоа почнаа да ги издвојуваат луѓето – стари и млади – и да ги носат во притвор. Избираа луѓе и ги погубуваа пред нас, а потоа велеа „закопајте го вашиот брат“ и ние ќе ги покривавме со земја. Видов како убија 18 луѓе со свои очи, а потоа луѓето мораа да ги погребаат со голи раце – рече тој.