Економија НБРМ

Усвоен најновиот Квартален извештај со пролетните макроекономски проекции на Народната банка

Ризиците за основното макроекономско сценарио, и од надворешното, и од домашното окружување, опстојуваат и главно се слични со октомвриските проекции. Притоа, неопходно е следење и на политиките коишто влијаат врз агрегатната побарувачка во домашната економија и поголема претпазливост, вклучително и од аспект на пазарот на труд.

Усвоен најновиот Квартален извештај со пролетните макроекономски проекции на Народната банка

Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка.

По усвојувањето на Извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции пред јавноста, на конференцијата за печатот.

Макроекономските проекции за периодот 2024 − 2026 година упатуваат главно на слична макроекономска слика како и во октомвриските проекции.

Во однос на економскиот раст, и натаму се очекува постепено забрзување во следниот период, но малку побавно во однос на октомвриските проекции. Овие оцени ги одразуваат послабите остварувања во 2023 година, како и оцените за малку понеповолно надворешно окружување и одложено влијание на домашните фактори, односно побавно спроведување на градежните активности поврзани со новите инфраструктурни проекти. Се очекува дека стапките на раст на БДП ќе изнесуваат 2,6% во 2024 година и 3,6% во 2025 година, наспроти октомвриските очекувања за 3% и 4% во 2024 и 2025 година, соодветно. За 2026 година се очекува умерено забрзување на растот, во услови на поповолно надворешно окружување, постабилен амбиент и поголема склоност за потрошувачка и инвестиции.

Инфлацијата и во овој циклус би ја задржала патеката на надолно приспособување до крајот на периодот на проекциите. Проекциите за 2024 година покажуваат забавување на ценовниот раст и просечна стапка на инфлација од 3,5%, што е на долната граница на интервалот очекуван во октомври (3,5 − 4%). На среден рок очекувањата се непроменети, односно во периодот 2025 − 2026 година инфлацијата ќе се сведе на историскиот просек од 2%.

Надворешната позиција на домашната економија и во рамките на најновите проекции се оценува како поволна, при подобри остварувања во 2023 година од очекувањата (остварен суфицит во тековната сметка), главно заради значителното намалување на увозот. Постепената нормализација на увозот на суровини и материјали, по падот во претходната година, во услови на стабилно енергетско салдо, ќе биде главниот фактор за остварување умерен дефицит на тековната сметка од 2,4% од БДП во 2024 година. Во наредниот период, посилното влијание од извозната побарувачка, во услови на стабилизација на цените на енергијата и на примарните производи, ќе придонесе за одредено намалување на дефицитот кај тековните трансакции на нивото од 2,1% од БДП во 2025 − 2026 година. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи на финансиската сметка, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се одржуваат на соодветното ниво, гарантирајќи ја стабилноста на девизниот курс.

По забавувањето во 2023 година, се очекува постепено забрзување на кредитната активност во следниот тригодишен период (2024 − 2026 година). Во услови на стабилен и сигурен банкарски систем и постепено ослабување на ризиците за економијата, се очекува дека кредитниот раст умерено ќе забрза во 2024 година, односно ќе изнесува 6,1%. Со постепеното забрзување на економскиот раст и стабилизирањето на очекувањата, се очекува забрзување на активноста на кредитниот пазар во наредниот период, при што растот за периодот 2025 ‒ 2026 година би изнесувал 6,8%, во просек. Кредитната активност ќе биде поддржана и од растот на вкупните депозити, којшто на крајот на 2024 година би изнесувал 7,4% и би забрзал на 7,6% во периодот 2025 ‒ 2026 година.

Ризиците за основното макроекономско сценарио, и од надворешното, и од домашното окружување, опстојуваат и главно се слични со октомвриските проекции. Притоа, неопходно е следење и на политиките коишто влијаат врз агрегатната побарувачка во домашната економија и поголема претпазливост, вклучително и од аспект на пазарот на труд.

Во првото тримесечје на 2024 година, Народната банка ја задржа прудентноста на монетарната политика, соодветно на условите во економијата. Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок.

Најнови вести од Економија

To top