На Волстрит берзанските индекси забележаа само мали поместувања во средата, бидејќи инвеститорите стравуваат од зголемена инфлација, што може да предизвика американската централна банка да го забави темпото на намалување на каматните стапки.
Индексот Dow Jones порасна за 0,25 отсто на 42.635 поени, а S&P 500 за 0,16 отсто на 5.918 поени. Индексот Nasdaq, пак, падна за 0,06 отсто, на 19.478 поени.
Записникот од последниот состанок на Fed покажа дека челниците на централната банка се загрижени за ризикот од постојано покачените нивоа на инфлација. Особено што политиката на новоизбраниот претседател Доналд Трамп и најавеното зголемување на царините може дополнително да ги зголемат инфлаторните притисоци.
„Инфлацијата ќе биде во фокусот во 2025 година. Има многу работи кои би можеле повторно да ги покачат цените“, вели Чарли Рипли, стратег во „Allianz Investment Management“.
Зголемената инфлација, заедно со стабилен економски раст, може да ја поттикне Fed да го забави темпото на намалување на каматните стапки. Пазарот веќе го загуби моментумот во средината на декември, откако Fed објави дека планира да ги намали каматните стапки само двапати оваа година, додека пазарот очекуваше поагресивно намалување на цената на парите.
Освен тоа, во пресрет на преземањето на Белата куќа, Трамп се заканува дека ќе ги зголеми царините за речиси сите земји во светот, од Канада и Мексико, до Кина и европските земји.
„Ако тарифите се наметнат на поширок опсег на земји, ова може да има краткорочно влијание врз инфлацијата. Fed нема да преземе ништо дотогаш, ќе почека да го види влијанието на идните потези на Трамп“, вели Томас Хејс, претседател на „Great Hill Capital“.
Волстрит во четврток ќе биде затворен поради ден на жалост за неодамна починатиот поранешен американски претседател Џими Картер, а во петок инвеститорите ќе се фокусираат на извештајот за работните места, што обично значително влијае на насоката на пазарот.
А на повеќето европски берзи цените на акциите вчера паднаа. Иако лондонскиот FTSE индекс се зголеми за 0,07 отсто, на 8.251 поен, франкфуртски DAX се лизна за 0,05 отсто на 20.329 поени, а париски CAC за 0,49 отсто, на 7.452 поени.