Економија

Почнува 13. Самит „Македонија 2025“

Почнува 13. Самит „Македонија 2025“

Стратешко лидерство во ера на брзи промени и иновации, дигитална трансформација и поголема регионална соработка како основа за создавање на просперитетни економии, се темите во фокусот на годинешното дводневно издание на Самитот Македонија 2025, кој ќе се одржува од денеска во Скопје, во организација на меѓународната невладина организација „Македонија 2025“.

Најавени се над 450 учесници и над 50 експерти од бизнис и научната заедница од повеќе држави.

Покрај промените што ги носи дигиталната трансформација во општествата и во водењето на бизнисите, на Самитот ќе се дискутира и за моќта и потенцијалите на вештачката интелигенција и искористување на дигиталните здравствени иновации за унапредување на медицинските услуги во Југоисточна Европа. Демократијата, слободата на говорот во ера на дигитализација исто така ќе бидат дел од темите на Самитот Македонија 2025, како и многу други теми поврзани со бизнис моделите и стратегиите за брз и успешна трансформација.

Организаторот најави дека на отворањето на Самитот Македонија 2025 ќе се обратат и претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова, Никица Мојсовска Блажевски, извршен директор на Македонија 2025 и Мајкл Чкламовски претседател на Одборот на директори на организацијата. На затворањето на Самитот Македонија 2025, соопштија организаторите, ќе се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, кој се очекува да биде и иден мандатар за составување на новата Влада.

Главна цел на Самитот Македонија 2025 е поврзување и споделување на знаења и искуства помеѓу професионалците од различни земји и области, во функција на раст. Ќе има можност за вмрежување и остварување на нови партнерства и соработка со потенцијални инвеститори.

-Ќе порачаме дека ние како организација сме спремни и отворени за поддршка на новата влада за постигнување на повисоки стапки на раст од 5 или 6 проценти и за начинот како да дојдеме до тоа, изјави извршната директорка Мојсовска Блажевски.

Во пресрет на Самитот, „Македонија 2025“ организираше предавања на високообразовни институции, работилници во коморите и во компаниите со совети како да растат бизнисите, како и средби со државни институции во областа на дигтализацијата, економијата и привлекување на инвестиции, како и со политичките партии.

Најнови вести од Економија

To top