Економија Вашингтон

Димитриеска-Кочоска: Ги стабилизираме состојбите, растот на економијата ќе го поттикнеме со инвестиции, а тоа ќе влијае на намалување на јавниот долг

Посочувајќи на податоци за реализација на буџетскиот дефицит на месечно ниво годинава и дека во периодот до преземање на власта има реализација на 71% од планираниот дефицит, истакна дека за следната година е планирано пониско ниво на буџетски дефицит.

Димитриеска-Кочоска: Ги стабилизираме состојбите, растот на економијата ќе го поттикнеме со инвестиции, а тоа ќе влијае на намалување на јавниот долг

Состојбата со јавните финансии ќе ја стабилизираме. Буџетскиот дефицит за наредната година е планиран на пониско ниво, а истовремено очекуваме растот за годинава да го надмине проектираниот од 2,1%, и во следната да забрза на 3,7%. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во Дневникот на ТВ Сител од Вашингтон, каде учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка.

„Проекцијата за раст за оваа година е 2,1% и остануваме на таа проекција, но јас сум повеќе оптимист дека на крајот на годината ќе имаме раст над 2,1%. Тоа го темелиме на ефикасноста во работатата на институциите, на раздвижување на активностите на реализацијата на проектите од Коридорот 8 и 10Д.,како и на реализација на проектите на општините. Како резултат на сето тоа ќе има раст“, рече министерката Димитриеска-Кочоска, која додаде дека во наредната година се очекува раст од 3,7%, имајќи ги предвид очекувањата за раст на глобалната економија, особено на Германија како наш најголем трговски партнер, како и политиките на Владата.

Според министерката важно е дека на среден рок растот на БДП ќе влијае на намалување на нивото на јавениот долг.

„Секое задолжување значи раст на јавниот долг. Но ако се задолжиме за инвестиции коишто ќе дадат додадена вредност на економијата, во еден краток период ќе има повисоко ниво на јавен долг, но на еден среден рок како ќе расте економијата , нивото на јавен долг ќе се намалува. Оттука приоритет треба да бидат задолжувања коишто треба да завршуваат во квалитетни проекти коишто ќе додадат вредност на БДП и ќе имаме раст“, рече министерката за финансии.

Посочувајќи на податоци за реализација на буџетскиот дефицит на месечно ниво годинава и дека во периодот до преземање на власта има реализација на 71% од планираниот дефицит, истакна дека за следната година е планирано пониско ниво на буџетски дефицит.

Се осврна на средбите коишто ги реализира во Вашингтон, при што наведе дека се важни состаноците коишто ги одржа со финансиските институции коишто се вклучени во процесот на издавање на еврообврзниците на нашата земја и дека е важно тие да бидат редовно информирани за состојбите, а со цел, како што рече, кога ќе излеземе на пазарот со нова еврообврзница да добиеме многу подобри услови.

To top